За наследник на еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, иако неофицијално, се почесто се спомнува името на словенечкиот дипломат Јанез Ленарчиќ, пишуваат бањалучкиот весник „Независне новине“, повикувајќи се на повеќе неименувани извори.
Според весникот, одлуката се уште не е донесена и се уште не е јасно на кој начин ќе биде дефиниран портфелјот за проширување , иако Ленарчиќ во бриселските кругови се почесто се спомнува како можен кандидат на оваа функција.
Словенечката Влада неофицијално го номинирала Ленарчиќ за свој кандидат за еврокомесар, а ресорите во кои тие би сакале да го видат се комесаријатите за животна средина и за енергетика.
Добар познавач на бриселските прилики за „Независне“ вели дека е речиси извесно дека следниот комесар за проширување ќе дојде од соседството на Западен Балкан, со оглед на тоа дека последните двајца еврокомесари беа од Словачка и Австрија.
-Може да се очекува по извесното иманување на Шпанецот Жозеп Борел за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност ресорот за проширување да го води лице кое ќе може да воспостави одредена противтежа на политиката која од ЕУ се водеше кон регионот на Западен Балкан. Од тој агол Словенецот ќе изгледа како паметен избор, вели неименуваниот извор за весникот и додава дека конечниот правец, сепак, ќе го одреди Урсула фон дер Лајен, која функцијата претседател на ЕК ја презема на 1 ноември.