По неколку месеци поминати во чекална, се чувствувам како двајцата главни протагонисти во еден роман на Семјуел Бекет – супербесмислено и суперапсурдно. Толку наивно чекав да се појави Годо пред портите на затворот за да плати мал дел од гревовите кои ги направи кон македонските граѓани. Не бев свесна дека се наоѓам во еден виртуелен театар на апсурдот. Годо не дојде. Годо исчезна!
Вчера се разбудив од тоа утопистичко чекање,откако видов дека нашиот Годо се бара со потерница. Лузните од рани кои една деценија ни ги нанесуваше нам, граѓаните на оваа земја, можеби немаше да избледат, доколку не и избегаше на Јустиција, но сепак, болките ќе се намалеа.
Судот постапи демократски. Целата процедура течеше законски. И покрај тоа, се занемари еден битен факт-му се судеше на тежок криминалец, на личност без етички вредности, од кого можеше сè да се очекува, па и бегство. Фактот дека требаше да му се суди од притвор е судскиот лапсус, кој сега ќе ја чини државава нерви и пари, имајќи ја предвид потерницата по него. А, државата се граѓаните. Како да беше малку што нè соголи до кожа, та сега ќе мораме да ги плаќаме и трошоците за потерата!
Чесните граѓани вријат по социјалните мрежи. Тенките нерви ги ублажуваат со иронични коментари, претпоставувајќи каде би можел да се скрие. Сепак, тој хумор не е доволен еден морален граѓанин да остане „прибран“ по сето ова.
Дали судството е толку демократизирано или можеби сè уште е лаик кога станува збор за ваков случај? Зошто му веруваа на неговите зборови дека ќе прифати да отслужи казна за доброто на партијата-како што изјавуваше? Погрешна проценка при профилирање на личноста или верба дека националист може да се претопи во патриот? Многу прашања кои ќе останат неодговорени. Како и да е, и Годо замина по патот на Христо И Неџби.
Сега чесните македонски граѓани повторно влегуваат во нова чекална. Апсурдна. Да се пронајде и да се смести онаму каде што му е местото-тоа сал и ниту збор.
Да не се повтори! Никогаш повеќе!