Ќе заживее ли некогаш Македонија? Ќе имаме ли некогаш некоја нормална политичка партија која ќе биде на власт и ќе работи во полза на нејзините граѓан(к)и?


Ќе исчезнат ли некогаш партиските вработувања или луѓето додека се живи ќе треба да ги менуваат книшките? Од црвена во сина, од сина во црвена…
До кога ќе ги храниме паразитите? Да, за мене се паразити, затоа што не гледам никаква позитивна промена во моето општество, немало ни претходно, нема ни сега, а не сум сигурна и дека некогаш ќе има, за жал!
Одговорите на овие прашања сите ги знаеме, ги стискаме забите и потклекнуваме на некој помоќен од нас, за книшка, затоа што ова не е живот.
Додека едните не се на власт ги обвинуваат оние на власт како вработуваат свои луѓе, по партиска линија, на луѓето им доаѓа преку глава, се менува власт, власта останува иста, само ја наследува некоја друга партија. Не може некој да ме убеди дека некоја од овие партии е добра и дека работи за моето добро.
Луѓето ќе ви изумрат, ги гушите, гладуваат, немаат вода, а вие сакате Европска унија да ве спаси. Па никој не нè сака такви какви што сме сега.
Тука има луѓе кои вредат. Правници има, политичари има, уметници има, информатичари има, механичари има, земјоделци има… ама немаат мотивација за работа. Мора да одат да работат на друго место, за некој да ги цени. Некој отишол во Америка, Англија или Франција да снима филмови, ќе успее во тоа, па потоа се гордееме на тоа! Ааа, нашиот режисер, успеал! Излегува дека работите одалеку повеќе ги сакаме и почитуваме.
Потоа ќе се прашуваме зошто некој ќе оди во Германија да работи во текот на летото на некоја работа во ресторан. Па нормално, за три месеци ќе земе плата што тука ја зема за цела година. И од тие три месеци може нешто ќе му остане, ќе зачува, па ќе може да поживее малку. А тука? Со 200 евра што попрво да платиш? Сметки или да му купиш на детето нешто што сака?
Проблемот со загадувањето. Толку долго време го имаме тој проблем, луѓе зборуваат, пишуваат, протестираат и пак ти велат „Владата работи на план за намалување на загадувањето“. Како тоа дури сега прави план за намалување? Нели е тоа приоритет? За што ви е НАТО, за што ви е Европската Унија, кога немате воздух? Кога нема да имате здрави граѓан(к)и кои ќе ве претставуваат таму? Воздухот е приоритет, не само за мене и оние кои протестираат, туку прво и основно човеково право! Нема воздух – нема живот! Има јавна расправа, каде еден зборува и не му него до загаувањето, него му е до оцрнување на партијата која е на власт, а тој што е на власт си дреме на столче или си игра игри на мобилниот телефон. Одамна мислев дека дното го допревме, ама изгледа веќе почнавме да копаме и под тоа…
Секој пат пишувам на иста тема, мака ми е, не гледам промена, не се надевам на светла иднина за ништо. Не верувам на политички ветувања, тука секој сака да биде „господин“ и кога оди по улица да викаат „Еве го овој (внеси припадност на политичка партија)…“.
Единствено што остана е да се надевам дека сите ќе успеете.












