Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва „ќе стори се за да најде компромис“ и да стави крај на украинската криза, но дека ќе продолжи да бара од Западот да одговори на главните безбедносни барања на Русија.
„Од наша страна, ќе направиме се за да најдеме компромиси кои можат да ги задоволат сите“, рече Путин, додавајќи дека ниту тој ниту Макрон не сакаат војна меѓу Русија и НАТО, која „нема да има победник“. „Треба да најдеме решение за да излеземе од оваа ситуација“, рече Путин на заедничката прес-конференција со францускиот колега Емануел Макрон.
Западот ја обвини Москва од крајот на минатата година дека распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на украинската граница поради потенцијална инвазија, но Русија тоа го негира и бара гаранции за сопствената безбедност. Главните барања на Русија се Украина да не стане членка на НАТО и да не распоредува офанзивно оружје во близина на руската граница.
Путин рече дека Русија ќе продолжи да бара одговори од Западот за нејзините главни безбедносни барања, иако САД и НАТО ги „заобиколија“ во официјалните одговори испратени до Москва во јануари.
И покрај тоа, рускиот претседател вели дека „дијалогот не е завршен“. Тој додаде дека Вашингтон и Брисел отвориле некои прашања за кои може да се разговара, иако тие се споредни во однос на Русија.
Макрон уверен дека Путин е подготвен да ја одржи стабилноста на Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера во Москва се сретна со рускиот лидер Владимир Путин, по што се упати во Киев.
Макрон разговараше со Путин и се обиде да ја одврати Москва од инвазијата на Украина, додека Путин посочи дека ќе бара компромис како договор, пренесува Ројтерс.
– Претседателот Путин ме увери во неговата подготвеност да се вклучи во таа смисла и во неговата желба да ги задржи стабилноста и територијалниот интегритет на Украина – рече Макрон.
„Следните денови ќе бидат одлучувачки и ќе бараат интензивни разговори што ќе ги имаме заедно“, додаде Макрон.
Француското претседателство рече дека предлозите вклучуваат обврска од двете страни да не преземаат нови воени дејствија.
Бајден и Шолц го истакнаа единството за време на нивната прва средба во Белата куќа
Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц го истакнаа единството на САД и Германија додека се состанаа во Белата куќа.
-Германија е еден од најблиските сојузници на Америка, рече Бајден за време на разговорите со Шолц во Овалната соба. Тој рече дека со нетрпение очекува блиска соработка.
„Добредојде, добредојде, добредојде!“ рече Шолц.
-Ние сме најблиски сојузници и интензивно работиме заедно и тоа е неопходно за да ги направиме чекорите што треба да ги направиме, на пример борбата против руската агресија против Украина, додаде германскиот канцелар.
„Значи, ова е важен состанок и многу, многу важен момент“, рече Шолц.
Откажан состанокот Зеленски – Баербок поради „грешка во распоредот“
Украинскиот претседателВладимир Зеленски ја откажа средбата со германската министерка за надворешни работи Аналенa Бaербок наводно поради несогласувањата околу гасоводот Северен тек 2 и воената помош за Киев, објави Си-Ен-Ен. Подоцна Баербок соопшти дека станува збор за „грешка во распоредот“.
Џонсон: Санкциите се подготвени доколку Русија ја нападне Украина
Британскиот премиер Борис Џонсон нагласи дека санкции и други мерки ќе бидат подготвени во случај на руски напад врз Украина, а неговата Влада ќе побара од Парламентот санкции за руски поединци и компании.
Во авторска статија за лондонски „Тајмс“, Џонсон наведува дека Британија размислува да распореди борбени авиони и воени бродови на Кралската морнарица за да ја заштити Југоисточна Европа, а британскиот министер за одбрана Бен Волас и министерката за надворешни работи Лиз Трас наскоро ќе отпатуваат во Москва.
– Британски санкции и другите мерки ќе бидат подготвени во случај на каков било руски напад. Владата ќе побара од Парламентот нови овластувања за санкционирање на поширок опсег на руски поединци и ентитети, вклучително и секоја компанија поврзана со руската држава или која работи во сектор од стратешко значење за Кремљ, напиша Џонсон.
Тој истакна дека Велика Британија, исто така, се подготвува да ја зајакне борбената група на НАТО во Естонија предводена од Лондон.
– Ја поздравувам изјавата на Германија дека проектот Северен поток 2 ќе се преиспита во случај на инвазија, додава британскиот премиер.
Бајден се закани дека ќе го запре Северен тек 2 ако Русија ја нападне Украина
Џо Бајден се закани дека ќе го блокира гасоводот Северен тек 2 ако Русија ја нападне Украина, додека Владимир Путин одговори дека САД и нивните сојузници се единствените кои зборуваат за инвазија.
„Ако Русија изврши инвазија, односно ако нејзините тенкови и војници повторно влезат во Украина, веќе нема да го има Северен тек 2. Ќе ставиме крај на тоа. Сите во НАТО сме подготвени“, кажа Бајден за гасоводот чија изградба е завршена, но сè уште не е во функција откако во ноември не доби дозвола од германските регулатори.
Во Украина воена вежба од 10 до 20 февруари
Од 10 до 20 февруари на украинските полигони ќе има вежби за напади со беспилотни летала Бајрактар и преносни противтенковски ракетни системи Џавелин, најави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.
Тој додаде дека Украина сега добива оружје од многу земји „за кое досега само сонувала“.
Резников истакна дека Киев добил согласност од Вашингтон да прими оружје од балтичките земји за украинската армија.
Д.М