Македонија е на врвот на загаденоста во Европа. Тоа не се постигнува преку ноќ. За да се дојде на оваа позиција и да се задржи подолго време беше потребна повеќедецениска и деноноќна, самопрегорна работа на парламентарци, министри, градоначалници, советници, инспектори, кои овозможија сечење на дрвја, отворање каменоломи, работа на фабрики без филтри, увоз на стари автомобили и камиони, постоење диви и незаштитени депонии… Меѓутоа, постигнувањето на оваа цел ќе беше невозможно или барем многу отежнато без посветената работа и визијата на еден човек – Никола Груевски.
Македонија е една од најкорумпираните држави во Европа. И тоа е нешто што не може да биде остварено и достигнато така едноставно и во краток временски период. За да стане толку корумпирана, беше вложено сето знаење и искуство на многу парламентарци и министри и судии и јавни обвинители и членови на посебни тела, кои не се штедеа и дадоа неброени жртви во градењето на цврстото здание на корупцијата. Меѓутоа, Македонија никогаш немаше да се искачи толку високо на скалилата на корупцијата без уделот на Никола Груевски.
Македонија е држава со еден од најслабите образовни системи. Тоа не е случајно. За да се биде толку необразован и примитивен во 21 век е потребна координирана и осмислена акција на парламентарци, министри, градоначалници, наставници и професори. Постигнувањето на така сеопфатно затапување и продлабочено незнаење е тешка и макотрпна работа која бара голема посветеност и упорност. Меѓутоа, сите напори ќе беа залудни без светлиот пример на еден човек – Никола Груевски.
Македонија е држава во која правото е издигнато на највисокиот пиедестал на фикција, непочитување, изигрување, потсмев и мотање. Ретко која држава во Европа може да се пофали со таков облик на систематско уништување на правната логика како што тоа може да го направи Македонија. Генерациите по нас ќе ги воспеваат парламентарците и министрите и судиите и јавните обвинители и уставните судии и професорите, за нивната херојска борба со повеќеглавиот змеј на правото, кој конечно беше сотрен и претворен во пепел. Многумина херојски загинаа на бојното поле, меѓутоа целта беше постигната – добивме држава ослободена од право. И да не се заборави, херојот на бел коњ кој ги предводеше фалангите во нерамноправната борба – Никола Груевски.
Македонија е држава во која демократијата доби едно сосема ново значење. Основни субјекти на демократските процеси не се граѓаните туку партиите. Партиите знаат сѐ, партиите кажуваат сѐ, тие галат кога си добар и казнуваат кога си лош. Некои партии од надвор повеќе личат на мафија, меѓутоа, ако се погледне поблиску ќе се види дека, всушност, навистина се мафија. За етаблирањето и невидениот развој на овој систем може да му заблагодариме на човекот кој прогласи дека 24/7 живее за народот. 24/7 Никола Груевски.
Да заклучиме, Македонија е ова што е денес и е инспирација за редица новопојавени, филистерски антидемократии, но и за некои автократии и дикататури во светот, благодарение на трудот на многумина. Парламентарци кои беа присилени да земаат енормно високи патни трошоци; министри кои не можеа да дигнат глава од шетање, јадење и честење истомаалци на државна сметка; судии и јавни обвинители кои со молчење се спротивставуваа на секој притисок на власта и со презир ги исполнуваа барањата на партијата на власт; градоначалници кои ги вложија сопствените бизниси во развојот на општините; членови на контролни механизми кои не се откажаа од својот интегритет и не се спуштија на ниските гранки да ги контролираат државните институции; професори кои, емоционално врзувани за секоја одлука на власта, го прогласуваа незнаењето за највисока доблест…
И секако, не смееме да го заборавиме херојот на нашето време без кој немаше да се заокружи величествениот систем на насилство, омраза, измама, малверзации и глупост од епски размери – Никола Груевски.
илустрација во прилог на текстот: Игор Стевковски
ЗАБРАНЕТО И ЗА ДЕЛУМНО ПРЕЗЕМАЊЕ ПРЕД 14 ЧАСОТ
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.