„Вести нема. Има извештаи за тоа што некој сработил или не, прес-конференции за тоа што го прават политичките или економски субјекти, ама тоа се извештаи. И едно е извештај, а друго е вест. Веста ја создаваш, продуцираш, новинарот треба да ја најде… И сега, дали треба или не треба да има? Бидејќи во ова политичко време, гледачите можеби и не очекуваат вести. Иако знаат дека таму каде што живеат, можеби има некој локален проблем, но за тоа никој не говори, бидејќи сите се занимаваат со големи прашања на вистина или невистина, кој е во право, а кој не е… Тоа е погрешно. И ако продолжиме така, новинарството како да го следи барањето на вистината, а вистината е – за тоа што се случило или не се случило“, изјави Љубиша Николовски, заменик главен уредник на ТВ Нова, на панел-дискусијата „Меѓу чеканот и наковалната: Медиумите и новинарството во изборниот процес“, што се одржа минатата недела во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
„Истражувачкото новинарство не е за продукција на вести, туку за истражување, за да може да се денунцира некоја личност од спротивниот табор, дали нешто направил, се испијанил, во некое ќоше нешто направил, од каде е мајка му, детето од каде му е…, власта за опозицијата, опозицијата за власта… И, народот гледа сеир, дознавајќи такви вести. Кога ќе оди на шпицата – вести, народот чека такви вести, и тоа не нешто што нив ги интересира, туку што има да се каже – генерално лошо за соседите. Бидејќи тоа се сведува на некое политичко ниво на озборување на соседството, што лошо му се случило“, смета Николовски.
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Моника Талеска