Маглив ден на политичката сцена, а сѐ е јасно. Веќе не се знае кој е за или против избори. Се вадат разни „асови“ од шупливи ракави, од сите можни страни и агли, и од новата техничка влада.
А предизборната кампања фрчи од една страна со убави мерки како што е покачувањето на пензиите, К-15 за 20.000 аминистративци (читајте главниот гласачки погон ), исплата на МојДДВ, Министерството за земјоделство исплати 255 милиони денари субвенции за градинарски култури, субвенционираните клима- инвертери полека ги освојуваат домовите и друго, а од друга страна… нема ништо.
Загадувањето на животната средина останува да се решава во иднина, бидејќи никој не презема одговорност за (не)делата, како што се токсични отпади и индустриски издувни гасови. Денеска се протестираше пред цементарницата Усје, а на директорот му се врачи пехар за трујач на годината.
Сашо Јанакиевски од „Еко клуб“, фирмата која несоодветно обработувала медицински отпад во Скопје, во 2012-та година започнува со ширење на империјата. Помогнат директно од власта на ВМРО ДПМНЕ, во годините кога режимот на Никола Груевски беше инсталиран во целото општество.
Сѐ борец до борец за чиста и здрава животна средина!
Мицкоски вели дека безусловно ќе поддржат закон за ЈО изработен од експерти, но не и решението кое е во собраниска процедура, барем за сега. По средбата на „независните“ со американската амбасадорка во РСМ, на која што разговарале за битноста од донесување на законот за ЈО, во име на независните, Нола Исмајлоска-Старова изјави дека тие бараат прислушуваните аудио материјали или популарно „бомби” да не бидат докази во судска постапка, туку само индиции, и дека ќе поднесат амандмани на предолог законот. Дали тоа значи дека и по конструктивниот разговор со американската амбасадорка, пратеничката група сепак не е независна како што се претставува, бидејќи со оваа намера го штитат криминалот на матичната партија? Или можеби се под некаква хипотека? Или, како и за референдумот, ќе бараат противуслуга за евентуално гласање на законот? Како и да е…
Сите сме за коалиции, ама тешко ни паѓаат – круните. Вака некако би ги опишала млитавите обиди на албанскиот блок опозициски партии за коалиција. Алијансата за Албанците писмено ги кани Беса и Алтернатива да се здружат против ДУИ. Ама ДУИ не сака.
Вака некако денов, а и неделава. Магливо, а јасно.
Дијана Тахири