Илјадници невработени и илјадници празни работни места, но ниту едните прифаќаат понуда за работа, ниту работодавачите успеваат да најдат кадар за пополнување на празните места. Ова е реалната тажна слика за невработеноста во Северна Македонија, а која е последица на сè уште ниските плати кои се недоволни за да ги исполнат потребите и очекувањата на граѓаните. Половина од пријавените во Агенцијата за вработување се пасивни баратели односно на секои шест месеци само се пријавуваат во Агенцијата.
Од другата половина, поголемиот дел не се пријавуваат на интервјуа за вработување, а и оние малку кои одговораат на поканите, сепак по извршеното интервју не ја прифаќаат понудата. Според директорката на агенцијата, причини се работното место, смените како и платите кои им се нудат.
“Условно се соочуваме со проблем кога еден работодавач бара работна сила. Има ситуации кога од поканетите невработени, 70 проценти не доаѓаат на интервју, бидејќи тоа не е задолжително. Од 30 проценти кои ќе дојдат на интервју, половина од нив одат на интервју кај работодавачот, но најчесто ја одбиваат понудата за работа. Причините за тоа се најразлични, односно не им одговара местото, платата, смената”, изјави на прес-конференција Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување.
Според податоците кои ги објави директорката произлегува дека решението може да се бара во оперативните планови за вработување, поддржани од Владата. Според директорката Јовановска, Оперативниот план 95 проценти реализација имал за 2018 година кој опфати околу 6.500 лица. 53 проценти од нив биле млади лица до 29 години. За таа причина за реализација на оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2019 година планирани се 1,1 милијарда денари и би се опфатиле најмалку 8.500 лица.
Арбен Зеќири