Владата на Република Македонија на 25. седница донесе одлука да се покрене постапка за декласификација на класифицираните информации и договори за доделување на државна помош, склучени меѓу Владата и компаниите/странски инвеститори во Република Македонија.
Како дел од Планот 3-6-9, Иницијативата за декласификација на информациите и договорите за државна помош за странските компании е мерка, со која, согласно Законот за класифицирани информации и согласно препораките на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Владата ќе ги направи јавни сите информации и договори за доделување на државна помош со странските инвеститори.
Владата ги задолжи Агенцијата за странски инвестиции и Техничко-развојните индустриски зони, министерствата и државните органи кои поседуваат класифицирани информации и договори за државна помош, да покренат постапки за достапност на информациите и договорите за доделување на државна помош, склучени меѓу Владата и компаниите/странски инвеститори во Македонија.
За реализирање на иницијативата, Владата утврди рок од седум дена и го задолжи Генералниот секретаријат да ја достави листата на класифицирани информации и договори за државни субвенции на странските компании во земјата.