Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, при посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип најави голема промена за македонските семејства. Од 1 јануари, покрај синдикалната минимална потрошувачка кошничка, Влада ќе пресметува и просечна потрошувачка кошничка, која ќе ја опфаќа најмалку четиричлено семејство. Точките за дискусија ќе бидат разгледани на Економско–социјалниот совет, закажан за 22 декември.
„Една од главните точки ќе биде пресметувањето на просечната потрошувачка кошничка, која ќе биде дадена на увид на синдикатите и работодавачите за одобрување. Ова ќе ни служи како основа за економски стратегии и зачувување на животниот стандард“, изјави Ристески.
При пресметката на новата кошничка, ќе се земаат цените од најголемите супермаркети во земјата, а ќе се опфатат основните прехранбени производи и типичните сезонски овошје и зеленчук од различни региони, со цел да се одрази реалниот живот на просечно македонско семејство.
Ристески истакна дека ова нема да биде единствената кошничка што ќе се пресметува официјално:
„Понатаму планираме да се пресметуваат и кошнички за двочлено, трочлено семејство, како и за пензионери. Овие теми ќе ги дискутираме во рамки на Економско–социјалниот совет“.
Во врска со минималната плата, Ристески посочи дека постои законска основа за пресметување.
„Поравнувањето ќе се случи до 31 март 2026 година. Секогаш сме отворени за дискусии со синдикатите и работодавачите, а доколку се договорат за промена на формулата за повисока плата, ние ќе ја испочитуваме. Доколку не се договорат, законски предвиденото зголемување на минималната плата ќе изнесува од 1.700 до 2.000 денари“, рече Ристески.












































