Новата распределба на квотите за лекови во аптеките со кои Фондот за здравствено осигурување има склучено договор ќе почне да важи од почетокот на наредната година и треба да овозможи сигурениците да имаат подобра достапност до лекови во текот на целиот месец во аптеките во близина на нивното место на живеење.
Директорот на ФЗОМ, Ден Дончев, изјави дека околу 500 аптеки ќе добијат разномерно зголемување на квотите за околу 20 илјади денари месечно по аптека, а целта е на ваков начин во наредните две-три години да се изедначат буџетите по подрачна единица по глава на жител кои во некои случаи досега покажувале значителни разлики.
„Со новата распределба сите аптеки добиваат фер услови за обезбедување лекови, за разлика од преходно кога заради начинот на распределба настанале големи разлики во висина на износите на квотите на аптеките, а едно правно лице добивало за 40 отсто поголема месечна квота од просечната на сите остнати аптеки. Сега очекуваме дека нашите осигуреници ќе имаат поголема достапност до лековите во текот на целиот месец во аптеките во близина на местото на живеење“, изјави Дончев на прес-конференција.
Дончев додаде дека во интерес на граѓаните, ФЗОМ ги поттикнува да издаваат 20 отсто лекови без доплата, освен задолжителната партиципација, а за да не бидат граѓаните препраќани од аптека до аптека, се дава можност едно правно лице да може да ја искористува квотата од сите негови аптеки во ист град, односно подрачна единица. Ако има на пример шест аптеки, во три ги троши 100 отсто квотите, а во три педесет, тогаш ќе може да ги префрлува и искористува во оние каде има поголема побарувачка.











