На социјалната мрежа Фејсбук, во последните 12 часа, се појавија нови осум аудио снимки, на профил на Фејсбук именуван како „El Cheka“.
Дел од нив се повторуваат, па практично станува збор за шест „бомби“. Бомбите се на албански јазик, освен една која е на македонски јазик и за која објавувачот тврди дека е помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на УБК, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков.
Од Плусинфо, велат дека ги контактирале ДУИ, од каде им одговориле дека очекуваат обвинителството и МВР конечно да реагираат и да си ја завршат работата.
„МВР и Обвинителството целосно потфрлија кога станува збор за нелегално прислушуваните материјали објавувани на социјалните мрежи од лица со сомнително досие. Да потсетиме дека досега нема никаков епилог ниту од „бомбите“ кои беа објавени пред неколку години, а за кои ДУИ достави пријава до МВР и до Обвинителството. Второ, како е можно затвореници да поседуваат мобилни телефони, да располагаат со такви материјали и секој ден да ги објавуваат на Фејсбук? Што прави МВР и што прави директорот на затворот?“ прашуваат од ДУИ и инсистираат на реакција од надлежните.