Министерството за внатрешни работи соопшти дека започна со кадровски промени на раководните позиции. Нови началници од понеделник ќе добијат Петтата управа, Кримполиција, Внатрешната контрола, Единицата за специјални задачи (ЕСЗ), како и Единицата за брзо распоредување (ЕБР). Најавени се и смени во секретаријатите за внатрешни работи Скопје, Куманово, Велес, Штип, Битола, Струмица…
Сашо Трајковски е новиот началник на Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање.
На местото на Анета Станчевска, помошник министерка за внатрешна контрола и професионални стандарди, ќе се најде Дејан Андонов, кој по долгогодишна работа во Секторот за внатрешна контрола бил прекомандуван во Граничната полиција.
Марјан Коцев, советник во кабинетот на министерот Оливер Спасовски, ќе биде новиот началник на Крим-полицијата. На ова место до сега беше Марјан Наковски.
Првите смени се случија пред две недели, кога Владата ги постави Лазо Велковски за директор на Бирото за јавна безбедност и Горан Николовски за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).