Еден од новитетите во Предлог измените и дополнувањата на Изборниот законик, за кој пратенците гласаа по скратена постапка е Центар за континуирана едукација за избори. Идејата е, која воопшто не е нова, да обезбедува континуирана обука за изборната администрација, гласачите, учесниците во изборниот процес, овластените претставници на подносителите на листи, медиумите, набљудувачите на изборите и сите заинтересирани кои на било каков начин имаат учество во изборите.
Иако првичната иницијатива произлегува од потребите на Државната изборна комисија, сепак, ЦИВИЛ со години наназад, од избори, до избори, укажуваше на потребата од континуирана едукација, особено на изборната администрација.
Изборната администрација, во извештаите од мониторингот на изборните процеси на ЦИВИЛ од секогаш била на врвот на листата од нерегуларности. Најчесто нерегуларностите се поврзани со избоирачките одбори, каде често недоставува комуникација и меѓусебна соработка со ОИК, ДИК и други надлежни органи во процесот на спроведување на изборите.
Што претставува изборна администрација?
Изборната администрација ја сочинуваат вработените во стручната служба на Државната изборна комисија, членовите на изборните органи, секретарите на општинските изборни комисии, нивните заменици и други лица, времено ангажирани за изборен процес во помошните тела на ДИК. Тоа се луѓето одговорни за тоа како и колку успешно ќе се спроведат изборите и како и колку во самиот процес ќе се почитуваат законските одредби, особено во заштита на гласачкото право.
Со стручната служба на ДИК раководи генерален секретар кој е надлежен за сите вработени во неа, со статус на државни службеници.
Изборните органи се надлежни за спорведување на изборните дејствија на самиот ден на гласање. Секој од изборните органи има свој претседател, членови и нивни заменици.
Општинските изборни комисии имаат надлежности во општината во која се формирани, односно Град Скопје, кога станува збор за локални избори. Тие се надлежни за спроведување на изборните дејствија во изборните единици и избирачките места онака како што се определени со Изборниот законик.
Претседателите, замениците и членовите на ОИК се избираат од вработените во државната, општинската и администрацијата на градот Скопје, со високо образование, по случаен избор, за време од пет години. Нивни надлежности, меѓу другото, се и именување на составот на избирачките одбори, разрешување на членовите на ИО во случај на нивно противзаконско работење, пред денот на изборите и на денот на изборите, издаваат упатство за работење на избирачките одбори и се надлежни за нивната едукација. Понатаму, ОИК ја контролираат законитоста на работењето на избирачките одбори и интервенираат во случаите кога е констатирана повреда на законитоста во подготовките, кандидирањето и спроведувањето и утврдувањето на резултатите на изборите, како и на упатствата и препораките дадени од неа. Една од важните функции на ОИК е, исто така, да ги информираат гласачите за местото на гласање. Значи, доколку граѓанките и граѓаните не се сигурни каде гласаат, како и за други прашања поврзани со изборниот процес и нивното гласачко право, можат да се обратат во ОИК.
ОИК се надлежни и за приемот на целокупниот изборен материјал од избирачките одбори, ги сумираат резултатите од гласањето за листата на кандидати од избирачките места за кои се надлежни, составуваат записници и истите и ги предаваат на ДИК.
Избирачките одбори се составени од претседател и четири члена. Дел од нив се бираат по случаен избор од државната администрација, а по еден член и негов заменик именуваат политичките партии од опозицијата кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови. Важно е да се напомене дека лицето избрано за член на изборниот орган има право да не прифати да ја извршува таа должност, во случај на болест или семејни причини. Нивната работа на денот на гласањето се дели во две смени за да можат да го остварат и своето гласачко право.
Задачите на избирачките одбори се состојат во непосредно спроведување гласањето на гласачкото место, обезбедуваат правилност и тајност на гласањето, обезбедуваат слободно и мирно одржување на гласањето, го утврдуваат и сумираат резултатот од гласањето на гласачкото место, резултатите од гласањето ги објавуваат на самото место каде што се спроведувало гласањето.
Новитети во однос на изборната администрација, а уредени во Предлог измените и дополнувањата во Изборниот законик, има во и членот 31 кој реферира на надлежностите на ДИК. Во него под став 2 се оддаваат точките:
- 43-в): по потреба (ДИК) формира постојани или повремени Стручни работни групи составени од надворешни експерти со конкретни овластувања за време на изборен процес и за редовно работење за потребите на ДИК, за што со посебен акт определува надоместок.
43-г): за потреби за изборите може да ангажира изборна администрација и обучувачи вон изборен процес за што институциите каде што се вработени овие лица се должни да ги ослободат од работни обврски.“.
ЦКЕИ ќе биде уреден со член 30-а со предлог измените, во кој се наведува дека ДИК има оббрска да го формира како нејзина посебна организациона единица.
Дополнително ЦКЕИ ќе има задача да изработува истражувања и анализи за потребите и по барање
на ДИК, а ќе го раководи државен советник на ниво Б1, кој е одговорен пред ДИК и пред генералниот секретар на ДИК. Улогата на државниот советник ќе биде да обезбедува целокупна политика и насока на работење на ЦКЕИ во рамките на надлежностите на ДИК и одредбите на овој законик, да обезбедува изготвување на стратешките и годишните оперативни планови на ЦКЕИ и да го организира, насочува и координира спроведувањето на работните планови на ЦКЕИ во координација со ДИК.
Предлог измени и дополнувања во Изборниот законик
Ова дополнување на Изборниот законик со формирање на ЦКЕИ, како и останатите што се прифатени од политичките партии, дел од парламентарното мнозинство, се резултат на работата на Работната група за изборни реформи. Оваа група се формираше на иницијатива на Министерството за правда. Групата го финализираше своето работење на Изборниот законик 7 ноември. Министерството за правда драфт верзијата на Изборниот законик до Собранието ја достави на почетокот на декември.
Најголемиот проблем поради кој се одложување донесувањето на законот беше платеното политичко рекламирање да не биде повеќе на товар на државата. Овој дел од Изборниот законик, онака како што беше изгласан од пратенциите, не е променет.
ЦИВИЛ во пресрет на претседателските и парламентарните избори ќе објави серија едукативни и информативни содржини со цел навремено информаирање на граѓанките и граѓаните за изобрните процеси и нивните гласачки права.
Б. Јордановска