Дрон паднал на романска територија за време на ноќниот напад на Русија врз пристанишната инфраструктура во Одеса, Украина, на 11 ноември, соопшти Министерството за одбрана на Романија, пренесува Кијив Индипендент.
Според министерството, радарските системи откриле групи беспилотни летала во близина на воздушниот простор на Романија, што ги натерало единиците за воздушна одбрана да бидат во состојба на готовност. Лошите временски услови, вклучувајќи силни ветрови и ниска облачност, спречиле воени авиони да полетуваат.
Околу полноќ, жителите на романскиот град Тулча беа предупредени преку системот RO-Alert за можна активност на беспилотни летала. На украинската страна, во близина на пристаништето Измаил, се слушнала серија експлозии додека руските сили ги таргетирале пристанишните објекти.
Романските војници добиле извештај за пад на беспилотно летало во близина на селото Гринду, на околу 5 километри од украинската граница. Воени единици беа испратени за да го обезбедат подрачјето и да лоцираат остатоци.
Властите изјавија дека инцидентот не претставувал закана за жителите, иако истрагата е во тек.
„Овие акции се дел од серија слични инциденти и претставуваат карактеристика на агресивната војна што ја води Русија. Ова се рефлектира и во систематските провокации на Русија против ЕУ и НАТО“, напиша романската министерка за надворешни работи Оана Тоју на X.
„Нема да се двоумиме да ја зголемиме цената што Русија ја плаќа за ваквите неодговорни и нелегални акции.“
Инцидентот означува уште едно прекршување на воздушниот простор на НАТО за време на руските напади врз украинската пристанишна инфраструктура по должината на реката Дунав. Областа Измаил, една од главните цели на нападот, се наоѓа директно преку реката од Романија.
Романија дели граница од 600 километри со Украина, која се протега по должината на реката Дунав и брегот на Црното Море.
Два месеци претходно, руски дрон, исто така, влезе во воздушниот простор на Романија за време на друг напад врз Украина, продирајќи околу 10 километри и останувајќи околу 50 минути.
Романските сили не го ангажираа дронот, кој на крајот се врати кон Украина.
М. Д,












