Рускиот претседател Владимир Путин се пофали со достигнувањата на неговата земја во новогодишниот говор, велејќи дека Русите треба да бидат „горди“ на она што Русија го направи за време на неговиот четврт век на власт, објави Кијив Пост.
Путин се обрати до руската јавност точно 25 години откако тој ја презеде функцијата од својот претходник Борис Елцин. Тој не ја спомна експлицитно речиси тригодишната „специјална воена операција“ во Украина, војна во која тој изгуби повеќе од 700.000 руски војници (убиени и ранети). Се разбира, не му одговара да ја спомене војната што се надеваше дека ќе трае три дена, а трае веќе три години, време во кое неговата агресорска солдатеска изврши неброено многу воени злосторства. Тој и неговата блиска соработничка, Марија Лвова-Белова се бараат од Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства.
„Драги пријатели, за само неколку минути ќе дојде 2025 година, завршувајќи ја првата четвртина од 21 век“, рече Путин во телевизиската изјава.
„Да, имаме уште многу да одлучиме, но со право можеме да бидеме горди на она што е веќе направено“, рече шефот на Кремљ, велејќи дека 25-те години го отвориле патот за „понатамошен развој“.
Тој, исто така, ги пофали руските војници, тема која се повторуваше во неговите претходни новогодишни обраќања од почетокот на целосната инвазија против Украина во февруари 2022 година.
„Во оваа новогодишна ноќ, мислите, надежите на роднините и пријателите, милиони луѓе низ Русија се заедно со нашите борци и команданти“, рече Путин.
„Сега, на прагот на новата година, размислуваме за иднината. Сигурни сме дека сѐ ќе биде во ред. Ќе одиме само напред“.
Обраќањето доаѓа во критичен момент во речиси тригодишниот конфликт, при што Русија во овој момент бележи напредување на бојното поле, иако веќе пет месеци не може да ја поврати својата територија во областа Курск, каде што продре украинската армија. Тој, сепак, изгледа дека е оптимист, и заради тоа што новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, вети брз прекин на огнот откако ќе ја преземе функцијата.
Путин беше именуван за вршител на должноста претседател на новогодишната ноќ во 1999 година, кога претходникот Борис Елцин неочекувано поднесе оставка и се извини за постсоветските превирања во земјата во говор што ги запрепасти Русите.
Телевизискиот новогодишен говор е традиција започната од поранешниот шеф на СССР, Леонид Брежњев, а го следат милиони домаќинства низ целата земја.
Претседателскиот говор се емитува на државната телевизија непосредно пред полноќ во секоја од 11-те временски зони во Русија.