Како што планетата се прилагодува на променливата клима и зголемената популација, неминовен е фактот дека подземните води ќе имаат се поголема улога во обезбедувањето на зголемената побарувачка за храна и вода за пиење. Сепак, овој основен природен ресурс се соочува со сериозни ризици – вклучувајќи несоодветна заштита и понекогаш неповратно загадување, нагласи министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференцијата во ЕУ Хаус, по повод одбележување на Светскиот ден на водата и активностистите спроведени во таа насока, пренесува МИА.
Министертсвото, посочи тој, долго време работи на оваа цел, особено преку истражувања, градење на капацитети, собирање на податоци, воспоставување на регистар за подземни води и заштита на извориштата за водоснабдување преку утврдување на санитарни заштитни зони.
– Со сите овие проекти во делот на водите, развивме здрава база на знаење за ефикасно и одржливо одлучување во областа на подземните води. Воспоставување на водоснабдителни системи до секое населено место во државата, како и системи за пречистување на отпадните води е приоритет број еден за нас, нагласи министерот Нуредини.
Тој го спомна изворот Рашче како хидрографски феномен, кој обезбедува беспрекорно чиста и бистра вода за пиење на нашата метропола.
– Неговата заштита, како и заштитата на сите други извори на питка вода претставува императив на сите нас, за јавните институции, но и граѓаните и граѓанските здруженија бидејќи целта може да се постигне само со заеднички со осмислени и планирани активности и мерки, рече Нуредини.
Амбасадорката на Германија во Скопје, Анке Холштајн, која спомна дека Северна Македонија е богата со вода, истакна дека минатогодишните пожари што се појавија на повеќе места во светот укажуваат оти треба многу добро да се чува и да се менаџира овој скапоцен ресурс.
– Навистина верувам дека треба повеќе да се фокусираме што по одговорно да ја користиме, да го зачуваме овој скопцен ресурс, подземните води, езерата, реките, океаните… Читав некаде дека океанот содржи повеќе пластика отколку животни. Овој тренд треба да се смени, ова ни е единствената планета што ја имаме, истакна Холштајн.
Швајцарската амбасадорка Вероник Улман истакна дека Швајцарија го поддржува водоводниот и санитарниот сектор во Северна Македонија во последните 25 години. Досега, како што рече, Швајцарија инвестираше речиси 120 милиони евра, а ќе продолжи да инвестира и во иднина.
Таа сподели статистички податоци на глобално ниво, односно дека речиси 40 отсто од водата за пиење доаѓа од подземните води, а во Северна Македонија таква е дури 70 проценти од водата што ја пиеме.
– Итно да се зголеми свеста, да се зајакнат институциите за вода, да се воспостави ефикасен механизам за заштита и да се преиспита легислативата. За да го постигнеме ова треба да ги здружиме силите и да воспоставиме силно партнерство со државните институции, на национално и на локално ниво, со граѓанското општество, со приватниот сектор, со граѓаните, рече Улман.
Светскиот ден за заштита на водите, 22 март, оваа година се означува под мотото „GROUNDWATER – MAKING THE INVISIBLE VISIBLE“ (Подземните води – да го направиме невидливото видливо).