ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги објавија кандидатските листи. Во првата изборна единица силите ќе ги мерат Никола Димитров и Мила Царовска од СДСМ наспроти Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, која изминатата година настапи како „независен натпартиски кандидат“ за претседател со поддршка од оваа партија.
Носители на листите во втората изборна единица се Оливер Спасовски од СДСМ наспроти Владо Мисајловски од ВМРО ДПМНЕ.
Во „тројката“ ќе се спротивстават Љупчо Николовски од СДСМ и Игор Јанушев, а во четворката Зоран Заев наспроти Александар Николовски.
Кој пее зло не мисли е мотото на петтата изборна единица каде носител на листата од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде оперскиот пејач Игор Дурловски кој ќе се натпреварува во изборната трка против Радмила Шекеринска како носителка на листата на СДСМ.
Во шестата изборна единица носител на листата на СДСМ и коалицијата ќе биде Билал Касами, а ВМРО-ДПМНЕ ја назначи Дафина Стојановска.
Во меѓувреме, НСДП донесе одлука за продолжување на соработката со досегашните коалициски партнери и заеднички настап на претстојните предвремени парламентарни избори. Партијата ги утврди кандидатите за пратеници за заедничките коалициски листи. Потпретседателот на партијата Горан Мисовски ќе се најде на петтото место на коалициската кандидатска листа во првата изборна единица, додека пак потпретседателката Соња Мираковска на второто место во четвртата изборна единица.
Неизвесно е како мерките за спречување на корона вирусот во земјата, но и во државите од Европа ќе се одразат на планираните предвремени парламентарни избори закажани за 12 април. За утре е закажана лидерска средба на премиерот и лидерите на најголемите политички партии, од која треба да се очекуваат следните чекори. Во меѓувреме течат роковите за изборите предвидени од Државната изборна комисија.
Вечерва на полноќ завршува увидот во Избирачкиот список и пријавувањето на гласачи од дијаспората. До сега се пристигнати вкупно 6.308 пријави за гласање во Дипломатско конзуларните претставништва, од кои, прифатени се 4.806, одбиени 53, необработени 1442, a во обработка се 7 пријави.
Маја Ивановска