Порталот за информатичка технологија, IT.mk, го реализираше второто истражување за мапирање на локалната ИТ индустрија и резултатите даваат интересна слика за една од најлукративните индустрии во моментов.
Истражувањето има за цел да даде сеопфатен приказ на актуелната состојба со плати и примања, технологии, едукација и развој на ИТ кадарот, како и вработените во дигиталниот маркетинг и дигиталните уметности. Дополнително, истражувањето го прикажува и напредокот во овие области во Македонија споредбено со 2019 година, кога беше направено првото мапирање.
Истражувањето е направено во периодот од 15-ти јуни до 11-ти јули 2022 година и во него учество имаат земено повеќе од 2.000 локални ИТ професионалци, споделувајќи клучни информации за примањата, алатките и технологиите што ги користат, образованието, одлуките при бирање работа и други интересни податоци.
Во областа на програмирањето, 90% од испитаниците имаат примања пониски од 200,000 денари, во маркетингот 90% имаат примања пониски од 180,000 денари, а во дизајн секторот 90% имаат примања пониски од 120,000 денари. Ова се само дел од корисните информации кои ги носи истражувањето на IT.mk насловено „Мапирање на ИТ индустријата во .мк – Издание 2022“.
Мапирањето укажува на тоа дека дури 48.5% од ИТ професионалците размислуваат за можна промена на работното место во следните 6 месеци, а за време на COVID пандемијата 39% од испитаниците смениле компанија. Исто како и во 2019 година, повторно е евидентен и родовиот јаз во платите и другите хонорарни примања кај ИТ кадарот, особено на повисоките позиции.
Целата анализа погледнете ја на следниов линк