МВР уште чека насоки од Основното јавно обвинителство-Скопје за случајот кога сопственик на неколку скопски фирми и хотели С. Ч. во строгиот центар на градот го претепа Бранко Петровски, сопственик на менувачница и кафе-барот „Гарсон“ . Според МВР, физичкиот напад се случил во саботата, на 18 мај, околу 15.45 часот пред менувачница во непосредна близина на хотелот Александар 2.
„Уште немаме добиено одговор од Обвинителството за покрената кривична пријава. Веќе информиравме дека истиот ден е извршен разговор со осомничениот и дека е известено Обвинителството. За случајот ја информиравме јавноста, а ќе информираме и кога ќе биде подготвена кривичната пријава“, за ЦИВИЛ Медиа изјави Ивица Илиевски, портпарол на МВР.
Извори од полицијата велат дека во вакви случаи, нанесување тешки телесни повреди, ретко се изрекува мерка притвор. Вообичаено пријавите за тешки телесни повреди се процесуират со обвинение и судска постапка, без барање за притвор. Судот на крај ја одредува казната.
Игор К. Илиевски