Општина Чаир останува во централен фокус на партиите од албанскиот блок, кога се работи за избори за градоначалници на општини.
На претстојните локални избори што ќе се одржат во октомври, главниот натпревар се води помеѓу кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, и кандидатот ВЛЕН, и поранешен градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Изет Меџити.
Неделава во Чаир коалицијата ВЛЕН го отвори изборниот штаб, со голема прослава, со бројно учество на членството и поддржувачите, придружена и со огномети.

Членовите на ВЛЕН, вечерта на отворањето на штабот споделуваа фотографии и кратки видеа, од кои бројни беа со слоганот „Чаир на Изет“.
Да потсетиме, пред неколку години, кога ДУИ беше целосна, односно го имаше токму Изет Меџити за кандидат па потоа и градоначалник на општина Чаир, во изборната кампања често се употребуваше слоганот „Чаир е бастионот на ДУИ“.
Досегашните слогани, односно пораки на ДУИ на овие локални избори, што се однесува до кандидатурата на нивниот кандидат Бујар Османи, гласaт „Октомвриски референдум“ и „Европски Чаир“.