Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – Загрозување на сигурноста од чл.144 ст.4 од Кривичниот законик, односно за закана кон новинар преку социјална мрежа.
„Обвинетиот се товари дека на 16.06.2017 година, по пат на информатички систем, се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна. Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот“, соопшти ОЈО Скопје.
Во јавноста веќе се шпекулира дека станува збор за актерот и член на Управен одбор на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајлосвки.
Иако од обвинителство поради презумција на невиност не соопштуваат детали за идентитетот на обвинетиот, според датумот кога е објавена заканата, најверојатно станува збор за Тони Михајловски кој тогаш на Твитер и Фејсбук напиша: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми боже“, пишува Слободен печат.
Тогаш реагираше и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од каде уште тогаш најавија кривична против Михајловски.
К. С.