Опсерваторија за воени и геополитички прашања | ЦИВИЛ
Британската влада на 8 септември направи една од најзначајните промени во својата политика кон Израел и Палестина во последните децении. Во обраќање пред Долниот дом, шефот на дипломатијата и пратеник Ед Милибанд соопшти дека Лондон отсега официјално ја смета израелската окупација на палестинските територии за незаконска, обвини екстремистички израелски доселеници дека вршат „етничко чистење“ во делови од Западниот Брег и оцени дека постојат сè повеќе докази дека во Газа „изгледа дека се извршени воени злосторства“. Паралелно, владата на премиерот Енди Бурнам најави пакет економски и индивидуални санкции што ја поместуваат британската политика од декларативна осуда кон конкретни казнени мерки.
На почетокот на своето обраќање објавено денеска на владината веб страница, Милибанд истакна дека тој самиот е горд британски Евреин.
„Го правам тоа како горд британски Евреин, некој со најдлабока благодарност кон Државата Израел што ѝ даде дом на мојата баба откако таа го загуби својот сопруг, мојот дедо и 60 други членови на семејството во рацете на нацистите“, рече Милибанд.
Промената е важна и поради начинот на кој е формулирана. Милибанд не ја оспори државата Израел, ниту правото на Израел да се брани од Хамас и други закани. Напротив, тој во говорот експлицитно го потврди тоа право, ја осуди масовната терористичка атака на Хамас од 7 октомври 2023 година и порача дека Велика Британија ќе продолжи да соработува со Израел за прашања од заедничката безбедност. Но, истовремено ја повлече линијата меѓу поддршката за Израел како држава и поддршката за политиката на владата на Бенјамин Нетанјаху. „Нашиот спор не е со народот на Израел… нашиот спор е со однесувањето на неговата влада“, беше суштината на новата британска позиција.
Од „загриженост“ кон правни и економски последици
Најголемата промена не е само во реториката, туку во британското толкување на правниот статус на окупацијата. Лондон со години тврдеше дека израелските населби на окупираните територии се незаконски. Сега оди чекор понатаму и официјално ја обелодени позицијата дека самата продолжена окупација е незаконска, повикувајќи се на советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 2024 година.
Милибанд го поврза овој правен став директно со економската политика. Ако окупацијата е незаконска, аргументот на британската влада е дека државата не треба преку трговија, финансиски услуги или инвестиции да придонесува за нејзино одржување.
Британската влада најави низа мерки и санкции:
- целосна забрана за увоз на стоки произведени во незаконските израелски населби;
- нови овластувања за санкционирање компании и лица што финансираат, градат инфраструктура, посредуваат со недвижности или на друг начин го олеснуваат проширувањето на населбите;
- забрана за рекламирање земјиште и недвижности во овие населби во Велика Британија;
- дополнителни персонални санкции против екстремистички доселеници кои поттикнуваат или учествуваат во насилство;
- проширување на режимот за санкции за човекови права; како и одбивање нови лиценци за оружје и друга опрема што „материјално придонесува за окупацијата“.
Повеќе од 30 претходно суспендирани дозволи за извоз поврзан со употребата на израелската армија во Газа остануваат суспендирани.
Сепак, голем дел од новиот трговски режим нема да почне да функционира веднаш. Милибанд рече дека законодавството потребно за негово целосно спроведување треба да биде воспоставено во рок од шест до девет месеци. Тоа е една од најважните практични ограничувања на најавениот пресврт.
Драматично поостар јазик: Сè повеќе докази упатуваат на извршени воени злосторства
Во делот за Газа, британскиот став е истовремено значително поостар и внимателно правно ограничен. Милибанд ја опиша катастрофата во Газа како „дамка врз совеста на светот“, наведувајќи повеќе од 70.000 загинати, меѓу кои најмалку 20.000 деца, масовно раселување, уништени здравствени установи и домови и блокирање на хуманитарната помош. Тој изјави дека заклучоците на меѓународните истраги упатуваат на тоа дека се „се чини дека се извршени воени злосторства“.
„Заклучоците од овие извештаи претставуваат сè поголем доказ според кој изгледа дека се извршени воени злосторства. И ние ги поддржуваме правните процеси за да се утврди ова“, рече Милибанд.
Милибанд експлицитно рече дека конечната квалификација за геноцид треба да ја дадат надлежните меѓународни судови и ја повтори британската поддршка за постапката пред Меѓународниот суд на правдата.
Оттука произлегува една важна разлика во споредба со претходниот период. Најконкретните нови британски санкции се однесуваат на Западниот Брег и окупацијата, а не претставуваат општо економско или воено ембарго против Израел поради Газа.
„Етничко чистење“: Термин без преседан за британската дипломатија
Уште посилен политички ефект предизвика употребата на терминот „етничко чистење“ за Западниот Брег. Милибанд рече дека според британската влада во делови од Западниот Брег се спроведува етничко чистење на Палестинците од страна на, како што ги нарече, „доселенички терористи“. Тој додаде дека израелската влада премногу често го игнорирала тоа, а некои нејзини членови со изјави и постапки го поддржувале принудното раселување.
Лондон особено го посочи проектот Е1, каде Израел во август објави тендери за повеќе од 1.200 станбени единици. Британската проценка е дека развојот на Е1 би ја прекинал територијалната врска меѓу Источен Ерусалим и останатиот дел од Западниот Брег и сериозно би ја загрозил можноста за функционална палестинска држава.
Официјален Лондон смета дека повеќе нема доволно време само декларативно да ја поддржува формулата за две држави, додека физичките и демографските услови за нејзино создавање исчезнуваат на теренот.


Не е само британски потег: 12 држави објавија заедничка декларација
Меѓународната димензија значително ја зголемува тежината на британската одлука. На 8 септември дванаесет држави, Велика Британија, Франција, Канада, Данска, Финска, Исланд, Ирска, Норвешка, Полска, Португалија, Шпанија и Шведска, објавија заедничка декларација против проширувањето на населбите во Западниот Брег.
Британија, Франција и Канада најавија национални мерки за забрана на трговијата со производи од населбите, додека дел од останатите веќе имаат ограничувања или најавија дека ќе поддржат европски или национални мерки.
Мал економски, но далеку поголем политички удар врз Израел
Непосредниот ефект од забраната на производите веројатно нема сериозно да ја погоди целокупната израелска економија.
Вкупната британско-израелска трговија во 2025 година изнесувала околу шест милијарди фунти. Проценките што се појавуваат во британските парламентарни податоци укажуваат на околу 38 милиони фунти увоз од окупираните територии, а не постои прецизна јавна бројка колкав дел од тоа доаѓа директно од населбите. Затоа директниот трговски удар е релативно ограничен.
Но санкциите против компании, финансиери, недвижности, инфраструктура и услуги потенцијално се многу позначајни. Ако банки, осигурителни компании, инвестициски фондови и меѓународни корпорации мора правно да проверуваат дали нивното работење придонесува за населбите, последиците може да бидат поголеми од самата забрана на земјоделски или индустриски производи, објави The Guardian.
Оттаму и заклучокот на аналитичарите е дека вистинската тежина на британската одлука е во преседанот, а не во вредноста на денешната трговија.
Остри реакции и поделби во Британија
Потегот откри силна политичка и општествена поделба. Во Долниот дом мерките добија поддршка од голем број лабуристички пратеници, но и од дел од конзервативците. Ветеранот конзервативец Едвард Ли, на пример, го оцени насилството на Западниот Брег како исклучително сериозно и самиот употреби термин „етничко чистење“, како што објави The Guardian.
Од друга страна, лидерката на конзервативците Кеми Баденок (Kemi Badenoch) ја нападна политиката како фактички бојкот на Израел и предупреди дека може дополнително да го поттикне антисемитизмот во Британија.


Конзервативниот портпарол за надворешна политика Том Тугендат предупреди и на можни последици за британско-израелската разузнавачка и антитерористичка соработка.
Главниот рабин на Велика Британија, Ефраим Мирвис, ја нарече одлуката „мрачен ден за британските Евреи“ и оцени дека санкциите нема да придонесат за мир и би можеле да го зајакнат политичкиот екстремизам, објави The Jewish Chronicle.
Истовремено, анкетата на „Опиниум“ за Европскиот совет за надворешни односи објавена истиот ден покажува дека 46 проценти од испитаниците ја поддржуваат забраната на трговијата со населбите, а 18 проценти се против, што покажува дека политичкиот ризик за владата не мора да значи и непопуларност на мерката меѓу пошироката јавност.
Израел остро возврати
Реакцијата на Израел беше бурна. Министерот за надворешни работи Гидеон Саар ги нарече британските обвинувања „скандалозни лаги“ и најави затворање на британскиот конзулат во Источен Ерусалим. Израел воведе и забрана за влез за 12 британски политичари и други лица, меѓу кои и поранешниот лидер на лабуристите Џереми Корбин, а најавени беа и други ограничувања во билатералната соработка. Сѐ заедно, ова е веќе сериозен дипломатски спор.


Како и да е, Лондон не оди на тоа спорот да се претвори во целосен раскин. Милибанд категорично ја отфрли можноста дека се работи за бојкот, повлекување инвестиции и санкции и нагласи дека Британија ќе продолжи да ја развива трговијата со Израел во рамките на Зелената линија и ја потврди безбедносната соработка против заканите од Иран. Истиот ден, британската влада најави и нови санкции против Иран и финансиски структури на Хезболах.
Новата британска формула: Поддршка за Израел, санкции за окупацијата
Оттука, случувањата од 8 септември не треба да се толкуваат како британско приклучување кон целосен бојкот на Израел. Напротив, политиката е внимателно конструирана околу раздвојувањето на три прашања: правото на Израел да постои и да се брани, политиката на владата на Нетанјаху и правниот статус на окупираните палестински територии.
Во однос на првото, британската поддршка останува. Во однос на второто, критиките стануваат досега невидено остри. Во однос на третото, Британија почнува да воведува конкретна економска цена.
Токму затоа политичкиот ефект на одлуката може да биде поголем од непосредниот економски удар. Ако моделот што го воспоставува Лондон се прошири на повеќе европски земји – што е многу веројатно – компаниите и финансиските институции ќе можат да продолжат да работат со Израел, но да се повлекуваат од економските активности поврзани со окупираните територии.
Тоа би претставувало фундаментална промена во западниот пристап. Наместо повеќедецениската формула на осуда на населбите без значителни последици, нивното натамошно ширење би почнало да носи директна дипломатска, финансиска и трговска цена. Едноставно, Британија повеќе нема намера само да констатира дека нешто е незаконско, туку сега ќе предизвика конкретни последици.
ЦИВИЛ МЕДИА













