Оливер Андонов
Да ти биде Драган Ј. Вучичевиќ (уредникот на српски Информер) пример и по неговиот „ум“ да направиш емисија на Алфа ТВ со ист наслов „Колегиум“, мора да си надарено глуп со точно определена мерна единица за глупост (коњската глава, да не употребам одредени ликови од нашата политичка божем сцена). Не е тоа само глупост, тоа значи дека нашето, македонското општество е сериозно заразено со српскиот политички вирус. Тоа е директна закана кон и така нашата кревка божем демократија и „независност“.
Драги мои читатели, еве за жал почетокот на новата сезона колумни 2026-2027 година за чиј почеток го одбравме денот на независноста на Македонија, 8-ми Септември, морав да го започнам со една ваква бизарност, буквално и вулгарно изразена низ пропагандната машинерија која влијае врз создавањето на перцепцијата кај македонските граѓани, но и надвор од Македонија за тоа што ни се случува. Но во исто време предизвикува и гадење и одбојност кон оваа глупост и вулгарност како очаен обид за плагијат на моделот за политичко-општествено влијание кое преку Алфа ТВ го прави владата на Мицкоски за туѓи цели. Точно на 35 годишнината од независноста на нашата татковина и остварувањето на идеалот – сонот, мечтата, на генерации Македонци и плејада борци за независна, автономна, суверена Македонија оваа колумна е насочена кон ретроградноста на самата суштина на македонската независна држава до која е доведена денес.
Знам дека мнозина ќе имаат реакции и тоа вулгарни и накострешени против оваа колумна, но подобро да си ја знаеме вистината и да знаеме од што боледува современото македонско општество. А боледува од сериозен српски политички вирус, за кој лекот можеме да го најдеме исклучиво во самите нас и нашето преумување – доколку сакаме. За потоа никој да не ни е виновен за злата ни судба, како што милуваме да се оправдуваме за сопствените ни глупости.
Веднаш на почетокот да расчистиме дека српскиот политички вирус не е српскиот народ. Токму српскиот народ води упорна и активна борба скоро две цели години против тој политички вирус. Затоа и реков дека нашиот спас е во нас самите. Тоа ти дојде како некоја автоимуна болест која може единствено самиот организам да ја совлада. Но тоа е и кај Србите и во нивното општество. За нас во Македонија, посебно за нас Македонците, српскиот политички вирус е во доменот токму на вирусологијата и тоа онаа политичката. Борбата против политичкиот вирус бара токму расчистување со надарено глупите божем новинари кои копираат туѓи режимски, мозоко-перачки, дезинформирачки и фејк медиуми и нивни емисии. Уште малку фали па и од „нашиот“ Драган да се побара да ја врати мерната единица или да ја замени со онаа на налогодавачот за вакви епски глупости.
Тоа што загрижува е токму гостувањето во „Колегиумот“ на политички ликови кои себеси се сметаат за многу важни, а при тоа дури и извршуваат јавни избрани или именувани функции. При тоа, и термините и наративот кој се употребува е чиста копија. Аман веќе, Македон-чето никако да има свој идентитет, па нека е и во глупоста. Упорно се копира, плагијатира туѓото, па така од глупо изгледа уште поглупо.
Но да е само тоа. Ќе бевме среќни дека некој со својата будалаштина внел малку смеа и забава на јавна сцена. Ама, не е така. Српскиот политички вирус е сериозно и длабоко навлезен во македонското општество и тоа се гледа дури и при исклучителни случувања кој носат анти вредносни и анти цивилизациски пораки.
Смртта на воениот злосторник Ратко Младиќ го покажа присуството на српскиот политички вирус во македонското општество и тоа на највулгарен начин. Во сите делови од општеството избувна на очиглед заразата, буквално цртајќи ги контурите на современиот Македонец како српски Македонец. Но не само контурите, тоа што поразува е дека српскиот политички вирус навлегол длабоко во македонската свест, начин на живот и политичко-општествено размислување. Денешниот српски Македонец го гледа светот, процесите и самиот себеси во тој свет, а тоа значи и македонската држава, потполно исто како што тоа го гледа обичниот Србин – Геџо, во однос на Србија. Трагедијата е во тоа што и Македонецот и Србинот имаат погрешен, катастрофален поглед врз збиднувањата во своите земји, а при тоа и не чувствуваат дека токму таквиот нивен поглед заразен со српскиот политички вирус ги држи таму каде што се.
И доколку за Србите и може да се најде некое „национално“ оправдување за прифаќањето и живеењето со нивниот политички вирус, за нас Македонците прифаќањето на тој политички вирус е едноставно еднакво на национална катастрофа.
Одамна напишав и апелирав дека треба да си бидеме наши автохтони македонски Македонци. А тоа подразбира да создадеме свој автохтон политички дискурс, да се потпреме на сопствената култура и традиција, да ја градиме нацијата врз силни национални институции, еднаквост на сите граѓани и најмногу – веднаш да пристапиме кон ЕУ, не само како кон друштво на богатите каде ќе живееме подобро, туку најмногу како кон друштво на цивилизациски вредности каде што ќе се влијае врз целосното излекување од српскиот политички вирус.
Тој пак, српскиот политички вирус, во својот вирален амбиент, живее и се храни од митови и носталгии. Токму затоа во Македонија имаме млади луѓе кои негуваат сентимент кон Југославија, а се родени години и децении по распадот на таа држава. Токму српскиот политички вирус заради заразување на народните маси во себе носи „културолошки“ ген на шунд културата која доаѓа, се произведува, токму во политичките кујни во Србија. Секако митологијата и митоманијата се секојдневна доза вирус, придружена со пропаганда. Особено со пропаганда дека нас никој не нѐ сака затоа што сме најдобри, потоа пропаганда за Европа и западот кои се декадентни, па сѐ до пропагандата за споредување на наводни принципи за осудени воени злосторници во Хаг, а сѐ со цел повторно прикажување на Србите како жртва на лошиот Запад. Е добро. Доколку Србите се жртви, да ја прифатиме таа теорија, и дека нивните воени злосторници биле осудувани, а воените злосторници на Хрватите, Албанците и Бошњаците не биле осудени (што секако не е точна констатација, но ајде малку ментална гимнастика за нас Македонците). Каква врска имаме ние како Македонци, Македонија, македонско општество, со тие воени злосторници, па да правиме паралела и да заземаме страна и донесуваме судови со политичко-митолошка констатација?
Токму никаква.
Нашиот внатрешен вооружен конфликт или бунт на македонските Албанци во 2001 година кој за тие што загинаа и настрадаа и за нивните семејства беше војна, а кој се зема како паралела, заврши на сосема очекуван начин со Охридскиот рамковен договор. Тоа што никогаш не се разјасни, кој всушност стоеше зад поттикнувањето и финансирањето на тогашната УЧК и прелевањето на конфликтот од Косово во Македонија, е токму прашање на отворање на архивите на УДБА за да се види кој за кого, како и во кој период соработувал и кого оставил како наследник – соработник на УДБА.
Прашањето за воените злосторства во Македонија во 2001 година беше прашање на меѓународните и домашните судови. Тоа што во случајот „водството на ОНА“ никој не беше опфатен со судење и сите беа амнестирани, треба да се заблагодариме на автентичното толкување на Уставот од страна на Собранието на Македонија кое ги ослободи и амнестираше. Со тоа правдата не се исполни, но тоа не значи дека правдата треба да ја бараме ние како Македонци во рамки на српската митологија и да не се лекуваме од српскиот политички вирус.
Тоа е во однос на колективната траума и „неправда“ која го храни овој вирус преку митологија и пропаганда, а породот му е етничка и религиска нетрпеливост кон другиот, иако сме дел од истата македонска нација. Но тоа што е по страшно за македонската држава и нација, и тоа што создава поголеми општествени поделби е пропагандата. Онаа вулгарна политичка пропаганда, оној вулгарен и невкусен ПР кој граѓаните ги третира како проста, глупава и со IQ под 81 маса. Толпа со која може да се манипулира преку пропаганда и постојани политички изјави за тоа како сме најдобри во светот, но никој тоа не сака да го види и да ни признае затоа што нѐ мрази. Ете, потполно иста матрица на српскиот политички вирус, и ним сите им завидуваат дека се најуспешни и најнапредни, но затоа и ги мразат.
Така, Македонија наша е прва, втора, трета, а понекогаш и четврта економија по раст во светот. Ние сме со епохални 4,3% БДП, за нас е успех некаков си Градски воз кој поврзува две села со градот Скопје (при тоа, дали некој знае колку луѓе живеат активно во тие села?), се отвораат улички, се прават премиерски увиди на канализации и локални водоводни мрежи, спортски сали за основни училишта, но тоа Европа не го цени, не нѐ сака, нѐ тера да го менуваме Уставот, да си ја погазиме националната гордост, исто како што им прави на Србите.
Затоа и ние, заразени од српскиот политички вирус истиот го развиваме на сите полиња. На полето на културата, плагираме со „Со отворено грло во јагоди“ (Грлом у јагоде), плагираме со божем возови, плагираме со занесот по туѓи национални божем херои, а воени злосторници, плагираме со политичка пропаганда, со секојдневни политички изјави на Мицкоски кој не се симнува од медиумите и уште се гордее со тоа, со политичкиот наратив во кој виновен за сите наши проблеми е некој друг но никако ние самите или поточно владата, плагираме медиумско – пропаганди емисии дури и со нивното именување „Колегиум“ според Информер. Добро е што таков еден плагијат никогаш нема да го прифати целата нација. Точно тоа е крајниот резултат на српскиот политички вирус – поделба на нацијата на мали конфронтирани народносни делови. Делови кои никогаш нема да се спојат во една нација и тоа токму заради вирусологијата.
Згора на тоа, српскиот политички вирус силно е распространет и во религијата. Ова се однесува на однесувањето на МПЦ-ОА и некако во последно време зачестените „грешки“ на СПЦ во однос на именувањето на МПЦ-ОА, потоа политичките јавни ставови за распространетоста на СПЦ на територијата на Македонија, историското и културно религиско наследство во Стара Србија, на што нашиот национален заштитник и горд бранител на македонскиот идентитет, Мицкоски, некако со половина уста и срамежливо и неодредено колку да се каже божем реагираше. Архиепископот и Синодот божем реагираа дури откако јавноста сериозно ги повика на реакции.
Овој српски политички вирус кого го плагираме за политички цели, не е така безопасен и врз други аспекти на македонското посебно живеење. Тоа се гледа низ социјалните мрежи и градењето на персонална политичко-општествена перцепција кај македонските граѓани. Таа се оформува низ секојдневното бомбардирање со поддршка на АИ (вештачка интелигенција), врз актуелниот и пред сѐ историскиот поглед на Македонецот и негово менување во сосема друг и тоа неточен историски наратив. Во тој контекст ќе слушате за „Стара Србија и Мачедонија“ и „јуначките“ борби на српските четници против „бугарашите“, а на што се фаќаат нашите сограѓани кои уште и измислуваат митолошки семејни приказни за своето српско потекло.
Впрочем, зошто да се чудиме на нашите сограѓани кога во Синодот на МПЦ-ОА имаме владици кои сега на над 50 години возраст се сетија дека се по потекло Срби. Е добро де, но како порано не го кажавте тоа, зарем некој ви бранеше да бидете Срби и пред дваесет години кога станувавте владици или тогаш не бевте свесни за тоа или не го прашавте адвокатот да ви каже како кај министрите во владата на Мицкоски. Замислете, на што сме подложни со српскиот политички вирус кој е сестран и делува на сите општествени полиња и нивоа.
Подложни сме на долготрајно и систематско менување на македонската национална свест и самобитност во ново српска, со „длабоки корени“ во Стара Србија. Затоа и се користи и поттикнува конфликтот со Бугарија. Покрај историскиот дискурс и негово менување, најмногу за оттргнување на Македонија од ЕУ и стабилизирање како современа европска нација. Сето тоа во вирусологијата е проследено со упорна и агресивна пропаганда, а кај нас прифатено без критичко размислување и со плагијаторство на постапките и секако неграмотност на конзументите.
Дополнителен проблем е и тоа што српскиот политички вирус дејствува и на психата, односно создава шизифреност, посебно кај членовите и симпатизерите на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Не е баш нормално да се одбележува денот на загинувањето на Тодор Александров, истиот да се возвеличува како јунак за независна Македонија, да се пее „Нешто ќе те питам бабо – право да ми кажеш“, а да се мразат Бугарите и Бугарија и да се чувствуваш близок (брат) со српскиот свет. Тоа е сериозна национална историска, општествена, политичка и психичка дезориентираност и збрка во која дури и плагијаторството, посебно онаа политичкото, нема да може да ги покрие шизофреностите.
Најмногу владата на Мицкоски плагира според српскиот политички вирус, колку и тоа да е шизофрено упорно се опстојува на таа практика за зголемување на националната шизофренија како последица од заразата со српскиот политички вирус. Не, нема да видите политички санкции за глорификаторите на воениот злосторник Ратко Младиќ. А членови на владата на Мицкоски и негови политички партнери, би рекол ментори. Ќе видите класична зараза од српскиот политички вирус и обид за некаков си божем баланс помеѓу додворувањето и полтронстото кон Вучиќ како ментор и неговите претставници во владата на Мицкоски, и глумата кон ЕУ дека се поддржуваат европските цивилизациски вредности.
Во својот политичко-националистички (не национален) плагијат, владата на Мицкоски оди и кон перфидни чекори. Искористувајќи го денот на независноста цел месец го злоупотребуваше караванот со наслов „Силно светнал ден“. Добра можност за прикриена кампања божем во национален интерес и со национални цели, имитација на кампањата на Вучиќ кој на нераспишани избори два месеца си тера кампања, Така и наш Мицкоски според истата вирусологија се појавува насекаде како да божем нешто работи па дури и во кабинет се сретнува со рандом типови кои потоа се објавуваат на ФБ, прикажувајќи ги тие средби како божем работа, наместо да се фати за некоја конкретна работа која му е во описот на обврски на функцијата на која се наоѓа. Патем, цело месечната „прослава“ на денот на независноста му доаѓа како добро пополнување на меѓупросторот помеѓу две отварања на улички и положување камен темелник за спортска сала и увид во локални градежни активности, сѐ до возење со локален воз (кога има струја) или не се зборува за дата центри.
Наместо централизирана државна прослава за 35 години независност па нека е и под мотото „Силно светнал ден“, инаку позајмен стих од Кочо Рацин и неговата КОПАЧИТЕ, имаме разводнето одбележување на годишнина на независноста кое не ги опфати сите македонски граѓани на кои им припаѓа Македонија подеднакво.
Можеби пак, организаторот, суптилно низ стихот „Силно светнал ден“ скака да не повика на следниот стих на Рацин: „Пробудете се морни копачки и копачи – на трудот ЦРН НАРОД“. Веројатно е време да се пробудиме – разбудиме, инаку вака не ја бива, ЦРНИ И СЕ ПОЦРНИ стануваме, а со нас и нашата Македонија. Многу сме горди, а никако да се поместиме, пардон, пробудиме. Се сме си некако заспани. Ова српскиот политички вирус, по сѐ изгледа, делува како анестетик и колективно нѐ успива и онеспособува за борба за современа македонска нација и македонска држава членка на ЕУ.
Е па, ПРОБУДЕТЕ СЕ, ЗА ДА СИЛНО СВЕТНЕ ДЕН!
ЧЕСТИТ ПРАЗНИК – ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА!
ВЕЧНА ДА Е МАКЕДОНИЈА!
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Дозволено е преземање со атрибуција и линк.












