Парламентарци од Украина, Обединетото Кралство и Европскиот парламент ќе се сретнат во Europe House во Лондон во понеделник, 7 септември, на настанот „Украина и иднината на Европа: Единство, безбедност, демократија“, посветен на поддршката за Украина и зајакнувањето на европската безбедност и демократска отпорност.
Настанот ќе се одржи во Europe House во Лондон, во понеделник, 7 септември, од 9:00 до 12:00 часот по британско време и ќе може да се следи и онлајн. За публиката во Северна Македонија и во централноевропската летна временска зона, програмата започнува во 10:00 и трае до 13:00 часот.
Онлајн регистрацијата е достапна ТУКА.
На настанот ќе учествуваат украинските пратеници Лесија Василенко и Вадим Халајчук, британскиот пратеник Бен Колман, како и европратениците Сандро Гоци, Клара Добрев и Мика Алтола.
Дискусијата ќе ја модерира дописничката на Би-Би-Си, Олга Малчевска.
Во време кога руската војна против Украина продолжува да отвора фундаментални прашања за европската безбедност и иднината на демократскиот поредок на континентот, средбата во Лондон ќе се фокусира на тоа како поблиската соработка меѓу парламентите може да ја надополни работата на владите и да придонесе кон одржлива поддршка за Украина.
Покрај безбедноста и одбраната, учесниците ќе разговараат и за демократската отпорност, граѓанското општество и улогата на локалните власти, проширувајќи ја дискусијата од воената помош кон пошироките демократски и општествени димензии на европскиот одговор на руската агресија.
Настанот го организира Канцеларијата за врски на Европскиот парламент во Обединетото Кралство, во соработка со Вестминстерската алијанса за Украина и Канцеларијата на Европскиот парламент во Украина.
Вестминстерската алијанса за Украина (WA4U) е водечка програма на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (DDGI), кооснована од Новиот европски народен форум (NEPF), ЦИВИЛ – Центар за слобода и Media Dialogue. WA4U ја предводи нејзиниот директор Роџер Касале, а Алијансата ги поврзува парламентарците, граѓанското општество, медиумите и другите демократски актери во поддршката за Украина и посилната демократска соработка низ Европа.
Од „Eyes on Democracy“ до Europe House
Претстојниот настан беше тема и во првата епизода од втората сезона на Eyes on Democracy, чиј домаќини се Роџер Касале, директор на Вестминстерската алијанса за Украина, и Џабир Дерала, новинар, бранител на човековите права и претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Нивна гостинка беше Леена Марија Линус, министер-советник и шефица на Канцеларијата за врски на Европскиот парламент во Обединетото Кралство. Во разговорот се разгледува што можат парламентите, медиумите, граѓанското општество и другите демократски актери да направат за да ја поддржат борбата на Украина за слобода и да придонесат кон обликувањето на иднината на Европа.
Разговорот се осврнува и на развојот на Вестминстерската алијанса за Украина, како и на неодамнешната посета на Дерала на Украина во рамките на мисијата Media Dialogue 2026, со седиште во Германија.
Епизодата го поставува лондонскиот настан во поширок европски контекст: борбата на Украина не се однесува само на опстанокот и слободата на една земја, туку и на способноста на Европа да ги одбрани сопствената безбедност, демократскиот поредок и единството пред авторитарната агресија.
Повеќе информации се достапни во најновиот билтен на New European People’s Forum.
Епизодата на Eyes on Democracy „Ukraine and the Future of Europe“, со Роџер Касале, Џабир Дерала и Леена Марија Линус, е достапна на YouTube каналот на ЦИВИЛ.
ПРЕЗЕМАЊЕТО НА ОВАА СОДРЖИНА Е СЛОБОДНО.













