Обединетите нации не знаат за какви било програми за биолошко оружје во Украина, вели Адедеџи Ебо, висок функционер во Канцеларијата за разоружување (УНОДА), кој зборуваше на брифинг пред Советот за безбедност на 27 октомври, пренесува Укринформ.
Високиот претставник на ОН за прашања за разоружување, Изуму Накамицу, претходно ги информираше амбасадорите – прво во март, а потоа повторно во мај – дека ОН не виделе докази за употреба на биолошко оружје во Украина.
„Ова е случај и денес“, рече нејзиниот заменик, Адедеџи Ебо, пред Советот.
На вчерашната седница на Советот за безбедност на ОН, Русија повторно ја обвини Украина дека наводно развива биолошко оружје.
Заменик-постојаниот претставник на Украина во ОН, Кристина Хајовишин, пак, рече дека со ширењето лаги за биолошкото оружје, Русија го подготвува теренот за негова употреба во Украина.
Подготви: Д. Мишев