Финансирањето за олеснување на хуманитарните кризи во светот е далеку зад она што е потребно за критичните барања како засолниште, храна, вода, струја и образование, известуваат од ОН. Кризите, вклучително и војната во Украина, пандемијата и сушата ја зголемија побарувачката. Иако донациите од богатите земји се зголемија, тие не го задржаа темпото, пренесува Њу Јорк Тајмс.
На агенциите на ОН одговорни за хуманитарна помош им требаат 48,7 милијарди долари оваа година за да им помогнат на повеќе од 200 милиони луѓе. За повеќе од седум месеци во 2022 година, тие собраа помалку од една третина од тоа.
„Ова е најголемиот јаз во финансирањето што некогаш сме го виделе“, рече Мартин Грифитс, шеф на канцеларијата за хуманитарна помош и итна помош на ОН.
Тој мрачен преглед крие остар контраст: руската инвазија генерира посебна геополитичка итност, и како резултат на тоа, релативно повеќе пари пристигнаа за програмите за помош на Украинците, но, изостанаа парите за луѓето во повеќето други делови на светот.
Поради јазот во финансирањето, камповите за сириски бегалци во северен Ирак го прекинаа пристапот до чиста вода, санитарни услови и електрична енергија. Во Демократска Република Конго, многу луѓе принудени да ги напуштат своите домови се соочуваат со живот без засолниште или основни алатки како опрема за риболов или земјоделство. Во Јужен Судан оваа есен нема да има средно училиште за некои од децата бегалци.
Подготви: Д.Мишев