Две години условна казна за онкологот Мери Пешевска – ова е епилогот на скандалот „Онкологија“. Животи скратени, пациенти лекувани со физиолошки раствор наместо терапија, буџет оштетен за над 2,2 милијарди денари – а судството реши: виновните ќе останат слободни, се додека во следните пет години не направат ново дело.
Дали со оваа пресуда судството им порача на граѓаните дека смртта на десетици пациенти е без тежина, а милијардите можат да се испарат без последици. Жртвите повторно се понижени, а довербата во правдата е симната на нула.
Политичарите, пак, трагедијата ја претворија во препукување. ВМРО-ДПМНЕ обвинува за „судство под команда на СДСМ и ДУИ“, а СДСМ возвраќа дека премиерот Христијан Мицкоски е тој што ја држи правдата заробена и блокира реформи.
Додека тие се борат за политички поени, пациентите и нивните семејства остануваат без одговори.
Во нормална држава по ваква пресуда би следеле оставки на судии, разрешувања и системски ремонт. Во Македонија следи само уште едно соопштение – и тишина за жртвите.
Д. Муратов