Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска учествуваше на конференцијата „Иднината на медиумите и новинарството во дигиталната ера“, во организација на Центарот за развој на медиуми.
Поповски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во ниту една од серијата дебати, и дека откако Законот поминал во Владата и бил испратен во Собранието, тие доставиле некаде околу 70 амандмани. Според него, како да оставаат впечаток дека сакаат да го блокираат законот и да ја задржат оваа статус кво ситуација или да се пазарат за кои членови да бидат именувани.
Од денешните рочишта, дедото на Тамара Димовска од Велес, Љупчо Стојановски, е осуден на една година ефективна затворска казна. Апелацискиот суд ја преиначи пресудата на Кривичниот суд, кој го осуди Стојановски на условна казна затвор за поседување оружје по признанието на вина.
Тој на 1 јуни минатата година пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, откако почина неговата внука Тамара чекајќи операција во странство.
Денеска во Кривичниот суд, обвинетите за случајот „Тревник“ на СЈО, Драган Павловиќ – Латас, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за бесправната градба на три објекти во Зелениково.
Според обвинението, тие изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.
Ставањето финален печат на Договорот со Грција и негово верификување како легитимен и пожелен за подобрување на статусот на државата со влез во ЕУ и НАТО, се поочигледно е дека ќе зависи од референдумот за или против прифаќање на името Северна Македонија.
Начелно, условен датум за преговорите е јуни 2019, се разбира во зависност од позитивниот исход на референдумот. Истото важи и за ЕУ и за НАТО.
Но, влезот на Македонија не зависи само од референдумот, туку од реформите во јавната администрација, судството, разузнавачките служби и во борбата против корупцијата. Што нормално зависи не само од промените во Законот за антикорупција, туку и од начинот на кој ќе се реформира Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Бидејќи фокусот, во демократски манир, е свртен кон граѓаните во чии раце лежи судбината на Македонија, нејзиниот идентитет, јазик, култура и историја, за кои опозицијата смета дека се најбитното нешто што го поседуваме како нација и дека промената на Уставот на државата е неприфатливо сценарио, останува да видиме дали тие ќе го бојкотираат референдумот или не.
А. Петровска