Верувале или не, честа да ја добие оваа награда за прв пат му припадна, ни помалку ни повеќе, на градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, за најгенијалното креативно решение кое придонесе за подобар живот на граѓанките и граѓаните од општината но и пример за тоа што значи добро владеење.
Станува збор за организирање на бесплатни часови за латино-танци за жителите на општината, кои релаксирани од сите решени проблеми во општината, немаат попаметна работа, па можат слободно да се фатат за раце и да заиграат самба, румба или ча-ча-ча…
Со ваквата одлука се докажа дека критиките упатени кон градоначалникот Марин во изминатиот период од неговото раководење со општината Аеродром се целосно неосновани и дека таквите малициозни коментари и напади врз неговата личност и дело се чисти невистини. Конечно, способноста на градоначалникот се покажа на дело! Дополнително, успехот на Марин се должи и на одличната работа на маркетинг агенцијата која тој неодамна ја ангажираше за да ја прикаже неговата работа во вистинско светло, и сето тоа за скромни 73.000 евра. Одличен проект! Или, како што тоа би го напишала една фамозна пратеничка што ја споредуваа со ѕвезда од еден жанр на филмската индустрија: „Отличен пројект!“
Датумот на доделувањето на специјалната награда дополнително ќе биде објавен, а во меѓувреме танцувајте, и секако честитајте му на градоначалникот Марин.
Мерцедес Луиза Санчез Трендафиловска