„Тука сме да најавиме дека и следните дваесет, и следните триесет, и следните многу години, ‘Форум’ и идејата поради која е основан, ќе опстојат… Причината зошто сето ова е направено, не е поради тоа што пред дваесет години двајца-тројца луѓе не знаеле што друго да прават, туку причината е сосема намерна… “, се обрати еден од основачите Ѓунер Исмаил, до присутните гости на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на ‘Форум’ – Центар за стратегиски истражувања и документација.
Наместо со панел дискусии, говори и дебати, ‘Форум’ реши овој значен ден да го обележи со прикажување на документарец, каде пријателите и соработниците ги сумираа најбитните моменти од работата и постоењето на организацијата.
„Тоа е организација што размислува поинаку за нештата, поинаку за настаните и процесите, меѓутоа тоа е организација што нуди и решенија за проблемите“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ – Центар за слобода за потребите на документарецот.
Сашо Орданоски во завршницата на документарецот ги поздрави сите што некогаш биле, се и ќе останат дел од ‘Форум’, изразувајќи надеж дека „отсега па натаму, ќе биде само мед и млеко… Или, можеби не?“
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов