Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на промотивната конвенција на Националната алијанса за интеграција (НАИ), повтори дека Рамковниот договор останува клучен документ за мирот и стабилноста во земјата и дека мора да се почитува од сите политички страни. Во својот говор, тој жестоко го критикуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека преку своите политики и изјави ги потценува правата на Албанците и создава опасни тензии.
„Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри и тимови. Мицкоски оди на лов со кучиња на зајци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и негодници кои се обидуваат да нè оцрнат. Орли, летајте високо, кучиња, чувајте се од зајци“, порача Ахмети.
За Охридскиот рамковен договор, Ахмети истакна дека во изминатите две децении, со поддршка на САД, ЕУ и НАТО, заедно со политичките партии во земјата, се работело на неговата реализација.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа остро, обвинувајќи ја ДУИ за криминал, корупција и политички манипулации. Од партијата порачаа дека ДУИ не е партија на орли, туку на врапчиња, најавувајќи дека на претстојните избори граѓаните ќе им пресудат.
„Имаме порака до Али Ахмети: не си ти орел, туку обично врапче. А во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, реагираше на изјава на Али Ахмети.
„Во моментот кога си ги нарекол ‘загари’ сите Албанци кои не мислат како тебе, си ја завршил политичката кариера. Вечерва го стави печатот на делегитимирањето“, напиша Меџити на својот профил на Фејсбук.
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, одговори на членовите на коалицијата ВЛЕН, кои го обвинија лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека ги омаловажува албанските гласачи нарекувајќи ги „кучиња“.
Во својата јавна реакција, Адеми појасни дека изјавата на Ахмети не била насочена кон албанските граѓани, туку, како што вели, кон лидерите на ВЛЕН кои го изгубиле политичкиот легитимитет.
„Кучињата не се луѓето што ги измамивте, туку оние што денес седат пред нозете на Мицкоски, без легитимитетот на Албанците“, напиша Адеми на социјалните мрежи.
Дехран Муратов
Фото: Фејсбук Арбр Адеми