Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како што соопштија од Министерство за надворешни работи, оствари средба со амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, На средбата, Брнз била информирана за најновите политички актуелности, со акцент на европската перспектива на земјава во периодот што следи.
На средбата, се вели од МНР, било изразено задоволство од континуираната и клучна поддршка што САД ѝ ја даваат на Република Северна Македонија, во насока на остварување на нејзините стратешки надворешно политички аспирации.
Од МНР соопштија дека “соговорниците ги оцениле билатералните односи меѓу двете земји како исклучително цврсти и пријателски, засновани на стратешкото партнерство и членството во НАТО. Бил искажан заемен интерес за постојан политички дијалог и за натамошно унапредување на севкупната соработка”.
Османи ја нагласил исклучително важната улога на САД во постигнувањето долгорочна стабилност, натамошна демократизација и просперитет на регионот, велат од МНР.
Во текот на разговорот, Османи ѝ се заблагодарил на Брнз за помошта од САД во борбата против пандемијата со КОВИД-19, како и во битката со актуелните шумски пожари.