За Договорот со Бугарија ниту може, ниту смее да има референдум. Тој е еден од столбовите на евроатлантска Република Северна Македонија, заедно со Преспанскиот и Охридскиот договор, а еднонационални референдуми за стратешки прашања на државата се опасен преседан и тие не смеат да се случат, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Дополнително, како што рече министерот Османи, меѓународни договори не можат преку да се поништат преку еднострани одлуки.
Според Османи, сепак, опозицијата со иницијативата за референдум за договорот со Бугарја му направила услуга на процесот за уставни измени затоа што, како што истакна, ја раздвоила дебатата за уставните измени и Договорот со Бугарија, бидејќи едното и другото не се поврзани.
-Уставните измени не се дел од Договорот со Бугарија, кога вие го оспорувате само договорот, тоа значи дека ви се во ред уставните измени. Мислам дека тоа е добро за да се раздвои оваа дебата. Во ред, ќе разговараме за Договорот со Бугарија.Тоа е оврска преземена која што не може да се поништи, но, еве ќе разговараме во еден долг рок дали било добро или не било добро. Но, тоа не е поврзано со уставните измени. Тие не се контроверзни, тие прво се рефлексија на нашиот однос кон заедниците, како и за сите помали други заедници. Нема причина за каква било дискриминација во тој дел, затоа што нашиот систем не познава малцинства по број освен за 20 отсто, рече Османи.
Министерот за надворешни работи, како што потенцира, е сигурен дека со секој поминат ден се повеќе ќе има поддршка за стратешките одлуки и правци за државата во тешки регионални и геополитички контексти.
-Знам дека на ВМРО-ДПМНЕ нема да им донесе никаков бенефит овој став кон стратешките прашања, ниту во нивнот имиџ пред граѓаните, ниту пред меѓународната заедница, ниту пак воопшто ќе даде одредена додадена вредност на нивната политичка иднина. Не знам зошто тоа не можат да го разберат, затоа што игра со стратешките прашања во дневно-политички контекст секогаш било губитничка варијанта за тие што тоа го прават, вели шефот македонската дипломатија.
Но, како што нагласи, од комуникација со луѓе на ВМРО ДПМНЕ верува дека и таму се има разбирање оти од овој процес нема штета и дека Северна Македонија не смее да биде заложник на дневно-политички и партиски интереси.
-Никој нема да има штета ако се направат уставните измени. Напротив, државата ќе се покаже пред светот отворена за заедниците, а тоа исто така ќе овозможи продолжување на патот кон преговорите, рече министерот за надворешни работи на редовниот брифинг со новинарите.
Одговарајќи на новинарско прашање за најавите од Левица дека ќе поднесе нова иницијатива за распишување референдум, Османи рече дека неговиот личен став е дека тие не се македонска партија, туку, како што рече, партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД.
-Мислам дека на државата нема да и направат многу штета затоа што има поширок консензус за правците по кои таа се движи, но на народот што го претставуваат може да му направат многу штета обидувајќи се да го свртат против вредностите што ние ги споделуваме. Не треба да паднеме на таа пропаганда која делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери, прво кон сопствениот народ, а потоа и кон другите граѓани и кон државата, вели Османи.
Тој додаде дека е легитимно партиите да ги користат овие незадоволства и фрустрации на граѓаните за за политички цели, но, како што потенцира, мора да има одредени граници и тоа не смее да биде на сметка на иднината на државата, ниту на сметка на иднината на граѓаните.
Министерството за надворешни работи формира Секретаријат што ќе помага во работата на македонскиот дел од Историската комисија, информира денеска на брифингот со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– МНР создава Секретаријат, меѓутоа повторно од луѓе коишто ќе бидат предложени од Комисијата. Тоа ќе бидат нивни асистенти кои ќе им ги подготвуваат материјалите, ќе им помагаат во административниот дел и во менаџирањето на нивната работа. Тоа ќе биде цел Секретаријат што ќе биде во функција на поефикасно подготвување и функционирање на Историската комисија, бидејќи нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа, рече Османи.
Тој нагласи дека иако МНР ќе ги склучи договорите со овие луѓе во Секретаријатот, ниту едно име нема да биде предложено од Министерството, туку оти чекаат од Комисијата таа да ги избере своите соработници.
На новинарско прашање дали вчера историчарите на средбата во Скопје разговарале за Гоце Делчев, вели дека за ова е информиран колку и новинарите.
-И јас не сум повеќе информиран за работата на Комисијата, отколку вие, бидејќи Комисијата си е автономна во својата работа и во нивните разговори, во содржината на темите. Тоа што знам е дека воопшто не стигнале да работат за Гоце Делчев, а утринава има соопштение од опозициска партија дека се договориле за Гоце Делчев. Разбирам политичка дебата, меѓутоа класични лажни вести за да се манипулираат граѓаните е опасен преседан што го воведуваме во дневно-политичкиот дискурс, оцени Османи.
Тој ги охрабри членовите на Комисијата да бидат што поотворени со јавноста, оценувајќи дека со Секретаријатот ќе имаат можност повеќе да работат и да бидат во комуникација со медиумите.
Османи додаде дека на предлог на МНР се формирала и интер-ресорска работна група, којашто ќе ја раководи тој и четири тематски подгрупи на експертско ниво, што ќе го следат процесот на имплементација на обврските што произлегуваат од билатералниот Протоколот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Информира дека МНР веќе упатило допис до МВР околу еден случај на говор на омраза на социјалните мрежи кон граѓани што се изјаснуваат како Бугари и дека тоа е пример како ќе функционира овој дел од Договорот со Бугарија.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи на брифингот со новинарите, потврдно одговори дека има сознанија и индиции за руско влијание врз политичкиот живот во земјава преку одредени извори за финансирање.
– Во рамки на оваа информација произлезена од Стејт департментот немаме дополнителни информации во однос на случувањата во нашата држава, но од нашите анализи од нашите инстиуции има такво нешто и тоа е комуницирано и констатирано во неколку наврати, дека има обиди за такво вмешување во партиско-политичкиот живот во Република Северна Македонија, но тие прашања ќе ви ги одговорат инстицутиите што се надлежни за тоа, одговори Османи.