Датумот за одржување на претседателските и парламентарните избори ќе биде производ на дијалогот меѓу политичките партии, на кој треба да се гледа во контекст на уставната реформа, а не од аспект на партиските интереси, изјави денеска шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи.
– ДУИ е најмалку загрижена во однос на термините како можност да се помогне позицијата на партијата бидејќи во кое било време нашата позиција е добра. Мислам дека тоа треба да го гледаме во контекст на уставната реформа отколку во контекст на тоа како политичките партии ќе имаат интерес за кој било датум, рече Османи на новинарско прашање за наводниот компромис меѓу власта и опозицијата за 8 мај да биде можен датум за одржување на вториот круг од претседателските избори заедно со парламентарните.
Во однос на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски со која тој го повика претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да каже колку средби имал со лидерот на ДУИ Али Ахмети и за што се разговарало, Османи рече дека нема такви податоци и упати одговор да се побара во партијата.
-Тоа ќе треба да прашате во партијата. Тука сум како претседавач со ОБСЕ и како министер за надворешни работи. Мислам дека не треба да ги мешаме партиските активности со државните, рече Османи на прес-конференцијата по отворањето на регионалната конференција во Скопје, под покровителство на Претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија, посветена на проблемот со лицата без државјанство во Југоисточна Европа.