Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари работна посета на Република Бугарија, за време на која се сретна со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов и заменик-претседателката на Владата на Република Бугарија за правосудна реформа и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.
Во фокусот на средбата беа билатералните односи меѓу двете држави и напредокот на Република Северна Македонија во процесот на европската интеграција.
„Ние сме на прагот на реализацијата на нашето заедничко ко-претседавање со Берлинскиот процес, еден од најзначајните регионални иницијативи за економско, инфраструктурно и политичко поврзување на земјите од Западниот Балкан. За само неколку дена почнува серијата Министерски средби за внатрешни работи, за здравство, за економија, кои очекувам да вродат со плод и бидат крунисани со исклучително успешен самит овде во Софија на 10 ноември. Самит кој по самата природа е историски затоа што за прв пат го претседаваат земја – членка на ЕУ, Бугарија, и земја кандидат за членство во ЕУ – Северна Македонија“, истакна Османи.
Двајцата соговорници, потврдувајќи дека европската перспектива е гарант за стабилност и просперитет на Регионот, ги поздравија ангажманите во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и вкупната соработка која се реализира меѓу двете држави во сите области од заемен интерес.
„Ние имаме Договор за пријателство кој нѐ обврзува и на политичка и на експертска соработка. Само преку отворен, искрен и позитивен пристап во соочувањето на историските факти со денешната реалност, ние можеме да ги надминеме разликите и да ги идентификуваме заедничките точки кои нѐ поврзуваат“, посочи Османи.
„Вашите граѓани треба да знаат дека во Бугарија имате и секогаш сте имале најголема поддршка и едноставно треба да направиме така, историјата да биде мост на пријателство и блискост, а не скршен мост по кој Северна Македонија не може да премине. Така што тука политички игри не треба да има. Перспективата и моментот е толку важен во германското претседателство да се почне процедурата, меѓувладината седница. Според мене ќе биде грев пред историјата сегашните политички раководства во Бугарија и Северна Македонија да не најдат компромис. И нема да не сфати ниту светот“, рече Борисов.
Во однос на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, упатија задоволство за нивната идна средба на средината од овој месец и ги охрабрија членовите на комисијата, да продолжат посветено со својата работа и да обезбедат соодветни резултати.
„Несоодветно е да се предлагаат работи во спротивна насока, како меѓу граѓаните на нашите две земји така и на меѓународно ниво. Како што Бугарија ја призна современата политичка реалност, сега треба Република Северна Македонија да ја признае историската реалност поврзана со процесот на создавање на новиот национален идентитет“, изјави Захариева.
Министрите го разгледаа и напредокот во инфраструктурното поврзување меѓу двете земји и можностите за зголемување на трговската размена, понатамошниот развој на туризмот, како и соработката во здравството, образованието, културата, одбраната, безбедноста и сите други области во кои се бележат резултати.