Вицепремиерот Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конфереција, истакна дека се согласува со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји дека се потребни фер, демократски и инклузивни избори, со земање предвид и на состојбата со пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Сè уште верува, дека такви избори се можни на 5 јули. Тој смета дека неговата медијација во утврдување на датум за избори не е проблематична, бидејќи, како што вели со добивањето на одлука за почеток на преговори со ЕУ, земјава веќе станува внатрешно прашање на Унијата.
„Во однос на медијацијата мислам дека ние веќе стануваме внатрешно прашање на ЕУ со фактот дека добивме одлука за започнување на преговорите и медијацијата односно помагањето од страна на ЕК не го гледам како прашање на надворешно посредување. Тоа е внатрешно посредување бидејќи ние веќе сме дел од семејството. Тоа е како некој внатре во државата да посредува меѓу одредени политички партии или институциите. Така ја разбирам и улогата на комесарот Вархеи кој е комесар на Унија каде ние веќе полека стануваме дел. Така што добредојден е тој вид на медијација и се надевам дека политичките партии ќе смогнат сили да постигнеме консензус. Се согласувам апсолутно со неговиот твит дека се потребни фер демократски и инклузивни избори имајќи ги предвид сите околности во врска со пандемијата“, изјави Османи.
Во врска со уредбата што синоќа ја донесе Владата, а е поврзана со одредени изборни дејтва, Османи истакна дека таа се повикува на претходната Уредба донесена во март во која беше прекинат рокот за избори.
„Тогаш всушност се одреди дека на денот кога ќе заврши вонредната состојба се враќа редовниот изборен рок, што значи 22 дена по завршување на вонредната состојба. Со донесување на вчерашната уредба всушност направивме само некои прецизирања од аспект на контрола на изборниот список, повикувајќи се на законската норма, но и неколку обврски што треба да ги направи Министерството за здравство за да ги обезбеди заштитните лични средства за ДИК. Се уште се надевам дека комуникацијата помеѓу политичките партии ќе продолжи во идните денови.Се уште мислам дека има простор за еден правичен инклузивен процес на 5 јули“, рече Османи.
ВМРО-ДПМНЕ засега останува на своите ставови во врска со предвремените парламентарни избори, за што изборните дејствија прекинаа поради ширењето на коронавирусот. По синоќешната владина Уредба за продолжување на изборните дејствија за изборите, од ВМРО-ДПМНЕ за МИА нагласуваат дека за нив е најважно здравјето на граѓаните, особено во ситуација кога имаме секојдневно зголемување на бројките на заболени од Ковид-19.
Од таму не кажуваат датум што тие сега во вакви околности би го прифатиле или предложиле за одржување на изборите, иако одредени медиуми пишуваат за средината на јули. Власта инсистира за избори на 5 јули, што за ВМРО – ДПМНЕ беше и останува неприфатливо.
Освен заштитата на здравјето на граѓаните, како што потенцираат од партијата, тие преферираат на евентуалните избори да се ганарнтира присуство на меѓународната мониторинг мисија на ОБСЕ/ОДИХР и други меѓународни претставници.
Владината уредба за продолжување на изборните дејствија беше донесена синоќа. За неа не гласаше министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев. Различни ставови во врска со продолжувањето на изборните дејствија и начинот како тоа се прави имаат и во Државната изборна комисија, чиј претседател Оливер Дерскоски доаѓа од редовите на опозициската партија.
Државната изборна комисија ја очекува официјално Уредбата со законска сила донесена синоќа од техничката Влада, со која се продолжуваат изборните дејствија за предвремените парламентарни избори.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски за МИА вели дека не би сакал како прв човек на Комисијата да ја коментира Уредбата пред да ја види и дека официјално тој и членовите на Комисијата ќе се изјаснат кога ќе ја видат нејзината содржина.
Деркоски, кој е делегиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изнесувајќи личен став, вели дека со Уредба не може да се уредуваат норми кои веќе се уредени со Изборниот законик. Уредбата со законска сила, додава тој, трае додека трае вонредната состојба. Деркоски повторува дека нема да дозволи да работи незаконски. Сепак, нагласува дека пред што било друго да каже, ќе чека да ја види Уредбата.
Членовите на ДИК, според информациите на МИА, се во Комисијата и во очекување да ја добијат Уредбата, откако таа ќе излезе во Службен весник, и да одржат средба на која треба да се договорат околу натамошните активности на Комисијата согласно оваа Уредба.
А. П.