Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, најави испраќање официјална протестна нота до Бугарија поради последната изјава на европратеникот Ангел Џамбаски во која упати навреди на адреса на премиерот Димитар Ковачевски, ги негира македонскиот народ и јазик и изразува отворени територијални претензии.
-Иако се обидувавме да го игнорираме, овојпат ги надмина сите граници на провоцирање.Според сите меѓународни и билатерални договори има основа да се реагира до бугарската држава, бидејќи искажува територијални претензии и навредлив говор, најави шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Тој исто така најави дека ќе го отвори со Софија и прашањето за настапите на претседателот на бугарската историска комисија, Ангел Димитров, како и тоа за отворањето на бугарските клубови со надвредливи имиња.
Османи истакна дека не му е јасна целта на ваквите провокации бидејќи не се на штета само на македонските граѓани туку и на штета на бугарската заедница, место да го искористи договорот со Бугарија да се етаблира подобро во земјата.
-Дури помислив дека трета страна е инволвирана во тоа и дека таа сака да ни ги расипе односите со бугарската заедница во државава“, порача Османи .
Тој побара време да добие повеќе детали околу информацијата за затворање на македонскиот клуб во Благоевград пред да излезе и да коментира.
Откако македонскиот премиер Ковачевски кажа дека не знае кој е бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, тој му порача на македонскиот премиер дека не е важно дали го познава или не, бидејќи тој и неговите сопартијци знаат кој е тој и од какво семејство потекнува.
-Не е важно дали Ковачевски ме познавал или не. Тоа не е драма. Важно е дека ние го познаваме. Знаеме кој е тој, од кое семејство потекнува и ние знаеме кои се неговите корени, порача вчера Џамбаски.
Застанат зад мапа на голема Бугарија тој преку контроверзно и провокативно видео порача дека „Ковачевски ги носеше кафињата додека траеја средбите меѓу Заев и Борисов“ и дека за „србоманите од Скопје нема место во ЕУ“.
И Словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон по денешната средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи во Скопје ја осуди изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
„Министерот Османи утрово ме извести и за овој немил настан на Џамбаски и се надевам дека денеска ќе испрати дипломатска нота. Станува збор за навреда на граѓаните на Република Северна Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности, односно изјави и сите тие провокации во период кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови. Ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти меѓу населението“, рече Фајон на заедничката прес-конференција со Османи.
Таа додаде и дека секоја провокативна, навредлива изјава бара реакција и дека ја поддржува вербалната нота.
„Во слична ситуација би реагирала и јас така“, рече Фајон.