Основното училиште „Св. Климент Охридски“-Битола е едно од 25.000 училишта во цела Европа што се вклучени во одбележувањето на Европската недела на кодирање. Активноста во држвава годинава се одбележува со двојно повеќе настани од лани.
Во рамки на Европската недела на кодирање, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска ги посети учениците од битолското основно училиште „Св.Климент Охридски“ кои го реализираат проектот „Направи робот“.
„Ова е извонреден начин, децата од најмала возраст, ученици од трето одделение, да ги учат основите на програмирање, критичко размислување, кодирање…Во различни училишта се изведуваат различни проекти, во ова училиште децата учат како се прави робот. Верувам, дека тука се идните иноватори, големи пронаоѓачи. Тоа е тоа што младите треба да го прават, а кој знае можеби идејата за еден голем производ што би се нудел во светот ќе произлезе токму тука во оваа училница и на ваква работилница“, рече министерот Манчевски.
Проектот „Напрви робот“ го координира универзитетскиот професор Моника Марковска и според неа, денешните деца со голема леснотија ја користат новата технологија.
„Програмирајќи игра низ забава, всушност тие ги учат можностите на програмата, решаваат проблеми на поинаков начин. Учењето програмирање од рана возраст на младите им овозможува да израснат во иновативни и креативни личности. Очекуваме овој проект да поттикне нови проекти и затоа ќе порачам дека сите ние би требало да учиме програмирање, затоа што програмирањето не учи да размислуваме“, нагласи Марковска.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во Битола го посети и Факултетот за информатички и комункациски технологии-ФИКТ каде имаше средба со Деканатот.
извор МИА