Пратеникот на СДСМ во Собранието, Курто Дудуш, нѝиспрати реакција по повод објавената сторија на ЦИВИЛ Медиа, за случајот на дискриминација врз Ром, печалбар од Германија, кој при посета на семејството во Битола, сакајќи со своите деца да посети базен, добил забрана за влез само поради етничката припадност!
„Како пратеник, претставник на ромската заедница во Собранието на Република Македонија и како претставник на политичката партија СДСМ, јавно ги осудувам сите форми на дискриминација врз ромската заедница сторени од било кој правен или физички субјект. Ние, како општество, се стремиме кон надминување на овие негативни појави, кои можат само да го уназадат заедничкото живеење во мултиетничка Македонија.
Се заложувам, заедно со актуелната власт, случаевите како скорешниот со дискриминација на Роми при влез во базен во Битола, да бидат итно процесирани до надлежните институции и сторителите на дискриминацијата да бидат соодветно санкционирани. Дискриминацијата не е дозволива во ниту еден случај на ниту едно место и од ниту еден поединец, фирма или институција… Мора да покажеме и ќе покажеме дека системот е функционален и дека дискриминацијата врз ромската заедница е недозволива и казнива според законот“, пишува пратеникот Дудуш.