oд корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Голем фактор сме. Само околу еден закон, речиси ги скаравме САД и ЕУ. Или засега само САД и Франција. Светската дипломатија прави кладба на нас. И ова не е од сега. Прво, уште од `91-ва беше дали ќе нѐ било. После, дали ќе сме ја преживеале 2001-ва. Па дали ќе нѐ имало по Преспанскиот. Сега, еве, дојдовме и на ситно. Дали ќе сме интеграциски кадарни со Законот за Јавно обвинителство. Нешто многу сме големи, силни и важни.
Американската амбасадорка завчера во својот вилает на Кале ги собра повеќето од осуммината од собраниските порти. Неважно што потоа испадна дека тоа не биле порти на собранието туку дека тоа биле портите на НАТО и на Европската Унија. Сега, пак, излегува дека тоа сепак не биле порти за Унијата, туку само за НАТО. Дека за Унијата, портата бил Макрон, па мадам Брнс за џабе ги испослика независните од ДПМНЕ.
И додека Америка, преку својата амбасадорка, собира парламентарни гласови за Законот за ЈО, Франција преку својот Тимоние праќа порака дека таа работа така не ја бива. Дека Законот за јавното обвинителство сепак не ќе оди без уцените на Мицкоски и дека без договор со француската дипломатија, есап без крчмар е трудот на високата американска дипломатка.
Кај и да е, набрзо ќе се види кој од македонскиот клинч ќе се извлече со помалку модринки. Брнс или Тимоние, Трамп или Макрон, САД или Франција. Засега е само видливо дека Французинот навистина решил да биде калиф наместо калифот. Откако пред некој месец, за Македонија, ја отфикари големата и од политиката веќе презаситената Меркел, сега преку нас им удира заушки и на своите во ЕУ. Во својот почетнички занес, еве и на САД.
Можеби перцепцијата е сосема погрешна, но можеби и не е. Ќе се знае набрзо. Она што сега е видливо е дека постапките на француската дипломатија во контекст на Законот за јавното обвинителство не се баш јасни. Ова поради фактот што пораката на францускиот амбасадор недвосмислено упатува дека со правдата толку беше. Дека по СЈО, сега и бомбите на Заев повеќе нема да важат.
Па, нема бомби, нема докази. Нема докази, нема предмети. Нема предмети, нема судења. Нема судења, нема осудени. Нема осудени, нема затвори. Нема затвори, нема криминал. Нема криминал, нема криминалци. Европски.
И уште дека пораката на Тимоние би била дека Франција не ги дава Мицкоски и ДПМНЕ. Попрецизно, не ги дава зашто со нив пак, ептен не сме за во ЕУ.
А правдата? Ха, што пак сега правдата? Па и така овде правда никогаш и немало.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.