Не секому може да се помогне, но, секој може секому да помогне, се разбира, доколку за такво нешто има желба.
И тогаш и денес е понеделник.
Сите ние имаме некакво сеќавање за 24.12.2012 година.
Длабоко верувам, дури и убеден сум дека нема поделени мислења околу настанот на оној кобен ден, оној ужасен црн понеделник, дури, верувам и дека меѓу оние кои се декларираат како најрадикално десничарски настроени, односно како некои кои веруваа во идеологијата на партијата која владееше во она време со државата го осудуваат таквиот чин.
Еднаш дури и реков: како и да размислува човек, каква и да му е политичката определба, секој свесен граѓанин нема да остане рамнодушен кога ќе се спомене датумот 24.12.2012, односно „Црниот понеделник“. Тоа беше еден од најгрозните понеделници воопшто, во светската историја.
Меѓу другото, јас, силно, до ден денес, се сеќавам уште и на 21.12.2012, денот беше петок. Тоа беше денот кога моите колеги од театарот излегоа на протест за гласно да викнат против оние кои сакаа да не се донесе буџетот на Републиката. Излегоа со транспарент на кој пишуваше УМетност, а кој го носеа мои многу, ама многу блиски колеги од факултетските денови. Најмалку што можев беше да се згрозам од таа глетка.
Дури во еден пост на Фејбук напишав:
„Во моментов Чехов во гроб се превртува дур ве гледа како излезени на улиците на Скопје протестирате за да се донесе буџет на држава. Да беше денес жив со глава се кладам дека ќе му бевте неверојатно инспирација за уште една од оние негови комедии на кои, на крајот сите плачат. Се однесувате како да буџет нема да се донесе. Како е можно тоа? Како не се срамите од самите себе? Борбата е да се стопираат кредитните средства позајмени од разно – разни банки кои ќе заминат каде што не им е местото. Никој нема без пари да ве oстави, ич да не се секирате“.
Потоа следеше лавина од реакции на мојата објава. Најгласен меѓу сите беше еден мој близок пријател кој патем е и брат на некогашно раководно лице во министерство во владата на (д)пмне, кој потоа веднаш ме избриша од пријатели. Се разбира дека се обидов да му објаснам дека театарџиите треба да бидат креативно испровоцирани од оваа ситуација и да создадат театарско дело, со кое ќе раскажат за тоа каде и како живееме. Па и нека е за поддршка на буџетот, ОК, тоа е избор / естетски пристап, тоа не се суди, не смее, но, не, тие, тие избраа да се согласат и да бидат дел од манипулативната матрица која ја тресеше државата. Три дена подоцна, односно на 24 декември се докажа дека бев во право. Насилниците стапија на сцената. Претставата беше трагична. Не. Беше ужасна!
* * *
На 23 декмври, ден пред црниот понеделник се случи нешто многу интересно. Одев кај моите родители. Беше темница 17:40ч. Нормално е за овој период од годината да е темно тогаш. Одев да си го земам детето. Имав неколку хартивчиња ѓубре во џебот. Што од мастики, што од бонбони, што од фискални … застанав кај контејнерите зад Три Бисери, кај оние две големи црвени кули. Имав чувство дека контејнерите не беа исчистени повеќе од два месеци. Имаше ѓубре насекаде. Одвратно изгледаше. Ги фрлив хартивчињата. Од под ѓубрето одеднаш се исправи човек. Стана. Искрен да бидам се преплашив. Носеше маица со портокалова боја на која пишуваше „Заедно Можеме Повеќе“. Ме гледаше тажно.
„Купи ми нешто да јадам, те молам“ ми рече со терперлив глас. Влегов во супермаркетот кој е веднаш до ѓубрето. Му изнакупив јадење, води, сокови. Му ги однесов и веднаш заминав.
Не престануваше да ми се заблагодарува додека заминував. Носеше маица стара речиси три години која ја добил на предвремените парламентарни избори во 2009 година, веројатно додека одел по митинзи. Жалосно и иронично во исто време беше што на почетокот на зимата тој беше во маица со кратки ракави на која пишува „Заедно можеме повеќе“. Цела вечер не ми излезе од глава човекот. И за ова напишав пост на Фејсбук. Речиси никој не се огласи, затоа што сите знаеја дека е така како што напишав. Одвратно беше да се живее тука под оној режим.
Истиот човек утредента кога се појавија првите снимки на телевизија од вжештените маси пред парламентот на црниот понеделник го гледав како стои во првите редови со очи закрвени и се спрема да изеде жив човек ако за тоа има потреба, ако добие таква наредба. Беше на страната на оние кои веруваа во пораката „Заедно Можеме Повеќе“ која нивниот лидер гласно ја извикуваше насекаде каде и да одеше низ државава, а кој се разбира на тој кобен 24.12.2012 не беше во Македонија, како и секогаш кога се случуваше нешто страшно по сите нас, тој, не беше тука, како „вистински татко“ на државата.
И, додека гледав во човекот кого го нахранив сношти ми помина мисла низ главата: Ќе ми скокне ли мене ако ме види од другата страна на толпата. Иако, се разбира, јас немам страна, но, еве да претпоставиме да бев од другата страна на толпата и да скокнеше човеков директно на мене и да ме здроби таму од мавање без никаква причина. Апсолутно без никаква причина.
Не двои само тоа што имаме различно мислење и ништо повеќе. По мене тоа не е причина за двајца ниту да се скараат, а не па да се испотепаат.
Е, тоа, драги мои, ќе беше одлично сценарио или идеја за развивање на драмски текст за оние кои носеа транспарент УМетност и тоа во жанрот апсурд.
* * *
Шест години подоцна.
Утрово излегов до продавница. По пат сретнав еден познаник кој после тој кобен 24 декември замина засекогаш одовде, односно веднаш после нова година. Во 2013 заминаа, уште во месец Јануари. Едноставно го снема од Скопје. Од тогаш не сум го видел, ниту пак чул. Ни фејсбук нема. Ништо не знам за него. Нормално подостарен е малку, поминаа шест години од тогаш. Ха, што да кажеме ние што останавме да живееме тука во последниве шест години, сигурно изгледаме ко да сме остарени со по шеесет.
„Кај си бе Војо“ ми вели.
„Ееееееј“ му велам, дури имам и заборавено како се вика.
„Како си“ продолжувам.
„Еве дојдовме да ги видиме ‘старциве’ и после Божик бегаме назад“
„Кај отидовте“ го прашувам. „Не сум те видел скоро шест години“
„Во Ирска. Заминавме после 24 декември“ рече.
„Не разбирам“ му велам.
„Имаш време за кафе“ ми прашува.
„Имам и за пиво“ велам.
„Ајде“ вели.
Седнавме во блискиот ресторан кој е тука кај мене пред зграда. Порачавме пиво. Тој почна.
„Види, жена ми е професионалец во својата работа. Таа работи за политички партии, работи како шеф на кабинет, понекогаш и како протокол. Не е врзана со партијата, односно нема партиска книшка, обично таа работа им се дава на професионалци. Тоа го работи и сега во една мала партија во Ирска. Не сака многу да се истакнува, а и да не седи дома. Одлично заработуваме и едниот и другиот и задоволни сме со се’ што имаме. Во тој период работеше за СДСМ. На 24 декември беше затворена во зградата на Бихаќска повеќе од шест часа. Не знаевме дали ќе излезе жива од таму. Целиот фокус тој ден беше насочен кон Парламентот, ти текнува, така?“
„Ми текнува, како може да не ми текнува“ велам. Стигаат пивата. Тој додека точи продолжува и да зборува.
„Она што се случуваше на Бихаќска тој ден беше ужасно. Беа дојдени околу стотина луѓе кои почнаа да маваат по зградата. Внатре жена ми и уште двајца, тројца, беа останати за да има некој на работа тој ден таму. Ордиве од надвор се приближуваа се повеќе и повеќе до влезот. Маваа со шишиња по зградата, со камења, јајца, дрвја со што ќе им дојдеше на дофат на рака. Жена ми и колегите се преплашија, што е и нормално. Ми се јави на телефон. Зборувавме долго. Не сакав да ја оставам сама, сакав да знае дека сум цело време со неа. Искрен да бидам и јас се преплашив.
По тие шест саати пекол за нив, но и за нас како нивни семејства кои беа надвор, конечно дојдоа луѓе и успеаја да ги извадат живи и здрави од таму. Тогаш прв и последен пат гласно изговорив дека за една седмица се селиме одовде засекогаш.“
Му заѕвони телефонот. Крена.
„Молам … еве со Војо седиме во едно кафанче тука … добро, добро, еве доаѓам … фала ќе го поздравам.“
„Те поздрави жена ми“ рече и продолжи. „Морам да одам, стигаат старциве. Еве ти мој број.“ ми го запиша на ливче. „Ѕвони деновиве дур сме тука да се видиме на раат, не вака. Што ќе правите за Нова Година?“
„Не знам“ му реков.
„Ок, ќе се чуеме. Сега стварно морам да одам“
Ја плати сметката и замина.
Во ресторанот почна од телевизорот да свири „Лулаби“ од Д’ Кјур. Се загледав во видетото. Баш така си помислив. Како што е на спотов. После тој 24.12.2012 останавме заплеткани во пајажина која еве и до ден денес се бориме да ја отстраниме од нас. Тешко оди, знам, но, ме радува тоа што надежта се врати кај сите и сите сакаме да го исчистиме тој немир од нашата душа покриен со мрежата на пајакот.