пишува МИЛАН БАНОВ
Што да се каже за една држава кога бројот на сивите денови во неа ќе почне да тече во повеќегодишен континуитет, потврдувајќи ни дека нашето животно тркало го осветлуваат само некои лажливи сонца. Тогаш, во таква ситуација, веројатно може да се разбере и сивилото на лицата на луѓето, кои проклето долго, небаре во самонаметнат егзил, потонале длабоко во себе. И од таа безнадежна позиција, во која сè поцврсто стануваме уверени во метафизичкиот нихилизам на светот без бог, се родиле и нашите веќе сосема препознатливи расположби депресијата и рамнодушноста, но и уште по нешто што можеби може да се дефинира како темна страна на инстинктот.
Ако се проследат вестите, и тоа само во едно нецело деноноќие, сето она црнило што го обоило секојдневието и кое заедно со несигурната политичка ситуација длабоко навлегло кај нас, не може а да не се соочите и да не констатирате буквално инфлаторни димензии на распослано насилство. И од таа црна хроника селектирам само неколку наслови од последните два дена, настани кои, сигурен сум, одат во прилог на мојата констатација за пандемичните размери на насилството: „Напад во комплексот клиники Мајка Тереза “, „Разбојништво во спортска обложувалница“, „Четиринаесет годишно момче нападнато со остар предмет“, „Нападнат полицаец на улица Бутелска“, „Четири лица киднапирале маж, па го тепале“, „Малолетник се обидел да силува девојче во Штип“, „Професорка од Велес добивала закани по живот“, „Дадилка тепала дете“…
Да, секојдневни убиства, насилство, силувања, педофилија, крајности на болното искуство, на физичката и моралната гадост, расипаност и бесрамност, беда, потсвест растргната од мрачните сили на уништувањето и понижувањето… И кога е тоа така, кога таквите слики безмалку се организирале во систем и кога изливот на гнев и насилство може да дојде од секаде и од секого, дали тогаш докрај можеме да се согласиме со мислењата на психијатрите дека насилниците се во поодминат стадиум на ментална болест, со психички растројства и со скусено рацио, кое не ги препознава последиците. Или, можеби, може да се придодаде уште нешто. Да речеме, да се дополни и со тоа дека и во тој изгубен идентитет, каде што психичката ситуација стои спротивставена на свесната активност, секојдневието (да го исползувам Јунг) сепак имало силно влијание и силна внатрешна кохеренција и сопствен интегритет. Со други зборови, „мрзливиот ум“ на кој се повикуваат психијатрите и психолозите, сепак, се чини, во нашава македонска приказна не заборавил, покрај задоволувањето на анималниот порив, сосем чисто да размислува и пред себе да го има и секојдневието, сопствениот живот кој го втурнал во психичка неурамнотеженост.
И сега можеби доаѓа клучното прашање: дали насилството, кое како метастази ползи низ државата, може да се сведе на поединечни случаи, произлезени од болниот ум кој ја дезинтегрира личноста или свое влијание врз нештата има и определена ментална корозија на општеството во кое сè потешко се препознаваат вистинските вредности? Имајќи ја пред себе медиумската застапеност, споменатата инфлаторна појавност на насилството во земјата, кога и психички здравите се однесуваат ненормално, бездруго не може да се отфрли ниту претпоставката дека и самиот живот, оној секојдневниот, парадоксално, истовремено нè направил и безволни и рамнодушни и гневни и насилни. Така, можеби ќе прозвучи грубо, но некако како да е избришана границата, разликата меѓу препознаените и непрепознаените психички неурамнотежени личности, па сите сме во една ментална институција, во свет во кој лудилото е природна последица на животот. И таму во тој живот од хоспитализираните се бараат поголеми ментални жртви кои не можат да се поднесат, а тоа, ќе се согласите, создава притисок и продуцира неспособност да се комуницира нормално, да се биде способен за љубов, добрина, чест, достоинство… Затоа се комуницира на начин здивен од гнев, со силата на аргументите на огненото и студеното оружје, на камењата, бејзбол-палките, тупаниците…
Во тој и таков свет, каде на полицајците им се закануваат со убиство, кога ножот е сосема близу да го прекине животот на малолетно момче, кога дадилката го тепа детето за кое треба да се грижи…, нашите меѓусебни односи, ќе рече чилеанскиот писател Хосе Доносо, се сведени на размена на „меки маски“ кои лесно се ставаат и уште полесно се вадат. За да се заменат со други како нужен сурогат произлезен од „законот за супституција“, кој ја заменува животната суштина на постојниот маскенбал во земјава.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.