„Со изградба на Панорамското тркало се губи убавината на реката Вардар, и Скопје не е веќе тоа што беше порано“, одговара еден граѓанин во анкетата што денеска ја спроведе екипата на ЦИВИЛ Медиа, на прашањето: „Треба ли во Скопје да се гради Панорамско тркало од 18 милиони евра?“.
Најголем дел од анкетираните граѓанки и граѓани сметаат дека премногу пари се потрошени за споменици. „Не треба да ги копираме другите градови, доста ни се овие споменици што ги имаме!“, вели една граѓанка. Друг граѓанин додава: „Малку ли се овие глупости што ги направија? Треба да се пренаменат парите за други работи, како, на пример, за социјалните случаи“.
Но, некои граѓани сметаат дека со изградбата на Панорамското тркало ќе се помогне економијата во државата, бидејќи ќе привлече многу туристи.
„Премногу пари се даваат за изградба на Панорамското тркало, но убаво е!“, додава еден анкетиран граѓанин.
Панорамското тркало би требало да чини околу 18 милиони евра. Засега се собрани потписи на речиси 8.000 граѓани кои се изјаснија преку онлајн петиција против неговата изградба, и која е испратена и до градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, но градежните активности не запираат! Панорамското тркало се гради и на 40 Целзиусови степени! За Панорамското тркало кое треба да биде високо 73 метри, со 30 кабини во форма на гондоли од по 750 килограми, е раскопано коритото на Вардар.
Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, која е опозиција во главниот град, најави дека на денешната седница на Советот, ќе бара прекинување на градежните зафати на Панорамското тркало кое се гради на реката Вардар, и понатамошно финансирање на овој прескап проект.
Новинар и монтажа: Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов