Во Судот во Велес денеска почна судењето на поранешниот претседател Кривичниот суд – Скопје, Владимир Панчевски, пренесува Слободен печат.
Неговите адвокати побараа од судечкиот совет да му се укине притворот, бидејќи според нив, судијата Панчевски има имунитет.
Судечкиот совет, со кој претседава судијката Валентина Ѓеоргиева даде пауза со цел да се провери дали му е одземен имунитетот на судијата Панчевски.
На последното рочиште на 10 јули откако Панчевски не се појави на судењето, судијата му одреди притвор и беше распишана потерница по него. После пет дена, на 15 јули, Панчевски сам се пријавил во Истражниот затвор „Скопје” во Шуто Оризари.
Републичкиот Судски совет во декември изминатата година го разреши од судиската функција поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски, потврдија за МИА од Судскиот совет.
Панчевски е обвинет за злоупотреба на службена положба за распределувањето на предметите преку АКМИС системот.