Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Прајс Агелер.
Пендаровски порача дека новиот амбасадор ќе ја ужива неговата и поддршката на целиот негов тим во вршењето на дипломатските должности.
-Имам исклучително задоволство и чест да ги примам акредитивните писма од Неговата Екселенција, почитуваниот Џозеф Бајден, претседател на Соединетите Американски Држави, со кои Вие сте именувана за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија.
-Фактот дека ова не е Ваш прв дипломатски престој во Скопје и дека сте одличен познавач на состојбите во нашата земја, претставува значајна претпоставка за натамошно збогатувањето на билатералните односи.
-Бидете уверени дека, во вршењето на Вашите дипломатски должности, ќе ја уживате мојата поддршка и поддршката на целиот мој тим, истакна Пендаровски.
Воедно, Пендаровски се заблагодари и за досегашната поддршка од САД за започнување на пристапните преговори на земјава со ЕУ, а таквата поддршка, како што кажа, е значајно охрабрување за продолжување и интензивирање на реформскиот процес и за натамошна демократизација на нашето општество.
-Би сакал да истакнам дека Република Северна Македонија во континуитет посветува посебно внимание на развојот на пријателските односи и билатералната соработка со САД, кои ги сметаме за голем пријател, значаен економски партнер и искрен поддржувач во најтешките моменти уште од нашата независност. Впрочем, постојаното унапредување на нашите односи е надворешно политичка аксиома, која е приоритет на сите релевантни политички фактори во Северна Македонија“, потенцира Пендаровски.
Амбасадорката на САД, пак, се заблагодари за срдечното добредојде и му го предаде акредитивното писмо на претседателот Пендаровски, порачувајќи оти САД ќе направат сè што е во нивна моќ за надминување на предизвиците со кои се соочува Северна Македонија и нејзините граѓани.
-Ви благодарам за срдечното добредојде во Вила Водно денес. Голема чест ми претставува да ви го предададам моето акредитивно писмо од Претседателот Бајден. Горда сум што го претставувам Претседателот и американскиот народ како Амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија. Како што мислам дека знаете господине Претседател, имав голема привилегија да служам тука, во оваа прекрасна земја, чијашто култура, луѓе, јазици и историја ги засакав.
-Иднината е навистина светла, и покрај тоа што земјата се соочува со стари и со нови предизвици. Господине Претседател, денес сум овде да ветам дека нема сами да се соочите со тие предизвици. САД, Амбасадата на САД и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици. Ви го давам мојот личен завет дека ќе стоиме рамо до рамо со луѓето на оваа земја, така како што земјата ги остварува своите цели за мир, просперитет, безбедност и независност за сите свои граѓани“, изјави Анџела Прајс Агелер.