Претседателот Стево Пендаровски вечерва за ТВ24 изјави дека не е сигурен дека на следната лидерска средба може да падне договор за датумот за одржување на изборите. Тој шансите за договор ги сведе на 50:50.
Пендаровски рече дека на минатата лидерска средба не се зборувало за конкретен датум, но дека имало различни назнаки од партиските претставници. Иако, начелно, тие зборувале за гласање во текот на летото, „најмалку една партија била за тоа изборите да се одржат на крајот на летото“, односно, во последните денови на август или почетокот на септември.
Пендаровски вели дека тој не може да одреди датум за избори во име на партиите и дека тој е медијатор во преговорите. Тој додава дека тие се оние што преку консезуална одлука треба да се договорат, затоа што за македонската иднина би било незамисливо некој да го бојкотира изборниот циклус.