Претседателот Стево Пендаровски денеска на првата посета на МО и Генералштабот на Армијата, изјави дека не очекува последните тензии во Косово да имаат влијание на безбедносната состојба во земјава.
„И да има тензии во иднина во Косово со сличен карактер, профил или слични пропорции, тие нема да бидат такви, за да ја загрозат околината на Косово, особено нашата држава“, изјави Пендаровски.
Тој информира дека надлежните институции деновиве и во изминатите недели будно ја следеле состојбата на северната граница и според сите информации тензиите таму одат во надолна линија. Според него, тоа се проценките на надлежните служби на КФОР на Косово, на клучните меѓународни фактори и на нашите институции кои соработуваат со нив.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која денеска му беше домаќин на претседателот Пендаровски, истакна дека и ние и целиот регион сме свесни дека нарушувањето на безбедноста кај нашите соседи секогаш има негативни последици. „Наместо само да стравуваме, ние како држава и како Влада решивме да дејствуваме“ рече Шекеринска.
Во врска со идејата за размена на територии и корекција на границите меѓу Косово и на Србија, Пендаровски кажа дека не може да замисли нешто пострашно да се случи ако некој навистина мисли сериозно да влезе во еден таков проект.
Според него, станува збор за анахрона идеја која не припаѓа на 21 век. Во денешниот модерен свет, рече, ние мораме со дијалог и со компромис да ги решаваме сите проблеми.
Најлесната работа која може да ја направите е да ја исчистите територијата од поинаквите, различните од вас или мене и да владеете така со тие територии, нагласи претседателот на државата.
„Час поскоро треба да се престане со лицитирање на таа тема. Зборувам за политичарите кои се на власт во државите околу нас, па дури и кај нас ако сакате. Тоа може да биде работа на експерти на новинари, но не на одговорни политичари, бидејќи е неодговорно да се разговара за една во суштина грозна идеја за размена на луѓе и територии во 21 век. Последен пат таква работа се случуваша, со поддршка на големите сили 1923 година. Турција и Грција и ден денес влечат последици од таа размена на луѓе и територии“, изјави претседателот Стево Пендаровски












