Претседателот, Стево Пендаровски, по повод 5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, денеска учествуваше и се обрати на виртуелната средба „5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, потреба од институционална поддршка за изучување, употреба и зачувување на ромскиот јазик”.
Пендаровски упати честитка до ромската заедница во Северна Македонија по повод 5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, порачувајќи дека чувањето на мајчиниот јазик претставува обврска и значајна ризница за постоењето, културата и традицијата на секој народ.
Пендаровски го истакна значењето од институционална поддршка за изучување, употреба и негување на ромскиот јазик, што истовремено е придонес во јакнење на мултиетничкото општество на Северна Македонија.
„Вашите напори како наставници и професионалци кои придонесувате кон афирмацијата на ромскиот јазик во образованието се клучни за обезбедувањето на праведен пристап до образование за сите ученици без исклучок. Ние политичарите имаме обврска да ве ислушаме и заедно со вас да предлагаме соодветни политики”, рече Пендаровски.
Пендаровски искажа јасна поддршка на заложбите на наставниците и сите други чинители од ромската заедница, ромскиот јазик да биде задолжителен почнувајќи од прво одделение, ромската култура да биде факултатативен предмет и за децата коишто не се Роми, како и поддршка за возобновување на катедрата за ромски јазик.
Во духот на мултикултурализмот, сите заедници кои живеат во Северна Македонија потребно е да имаат простор за изразување и творење на својот мајчин јазик, посочи Пендаровски. Притоа, унапредувањето на севкупниот образовен процес на децата Роми и обезбедувањето на соодветните услови, е од клучно значење за натамошното негување на ромскиот јазик.