Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Брисел, по средбата со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека Европската унија има можност да покаже лидерство и визија за иднината на нашиот регион со тоа што ќе и додели датум за преговори на Македонија.
„Граѓаните на Северна Македонија не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за изградба на европска држава со праведно, хумано и напредно општество“, додаде Пендаровски.
Пендаровски му се заблагодари на Туск за огромната и безрезервна поддршка и за неговите лични заложби и напори за добивање на датум за почеток на преговорите.
Претседателот на Европскиот совет, Туск рече дека договорите што ги постигна Северна Македонија со Бугарија и со Грција се историски и можат да бидат пример во регионот и дека местото на Република Северна Македонија е во Европската унија.
„Јас лично верувам дека може да има само една одлука, да започнат преговорите во линија со препораката на Европската комисија и за Северна Македонија и за Албанија. Прашањето денес не е дали, туку кога. Јас сум претпазлив, бидејќи за постигнувањето на консензус меѓу сите 28 земји- членки на ЕУ е потребно повеќе време, отколку што јас би сакал. Но нема сомнеж дека местото на вашата земји и целиот регион е во ЕУ“, изјави Туск.
„Пред само две недели го добивме најдобриот, најпозитивниот Извештај од Европската комисија за напредокот на нашата земја. Не само што добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори, туку бевме посочени и како светол пример на Западниот Балкан. Северна Македонија редовно испорачува добри вести во регионот во изминативе две години. Свесни сме дека се потребни уште реформи и се согласувам дека имаме слабости и дека ни претстои уште многу работа. Но, морам да истакнам една балканска политичка реалност – ние сме најефикасни тогаш кога имаме пред нас конкретни задачи. А, преговорите за членство се најдобрата реформска алатка“, додаде Пендаровски.